Самохраните мајки – жртви на мултиплицирано насилство
Жртвите на семејно насилство во Република Македонија се соочуваат со несоодветна заштита од страна на институциите надлежни за постапување во случај на семејно насилство. Самото тоа им дава чувство на несигурност и дискриминација од страна на системот, па така тие, всушност, се наоѓаат во еден институционален и семеен ‘вртлог’ на нивна постојана виктимизација и мултиплицирање на насилството“, се истакнува во Документот за јавни политики, во рамки на Првиот форум за родова еднаквост 2016, во издание на Фондацијата „Фридрих Еберт“, подготвен од авторките: Ангелина Станојоска, Наташа Димеска, Наташа Јанковска, Линдита Шакири-Атанасова, Живка Иванова, Нена Темелкова, Дороти Пачкова, под менторство на Дијана Стојановиќ-Ѓорѓевиќ.
„Жртвите на семејно насилство во Република Македонија се соочуваат со несоодветна заштита од страна на институциите надлежни за постапување во случај на семејно насилство. Самото тоа им дава чувство на несигурност и дискриминација од страна на системот, па така тие, всушност, се наоѓаат во еден институционален и семеен ‘вртлог’ на нивна постојана виктимизација и мултиплицирање на насилството“, се истакнува во Документот.
Kако последица од семејното насилство, се нагласува во Документот за јавни политики, голем број од жртвите – жени и мајки стануваат самохрани родители. Да се биде самохран родител – жена во едно патријархално општество во кое доминантната улога секогаш му припаѓа на мажот кој најчесто е причината за одгледување на детето од страна на еден родител, е тешка секојдневна ситуација со која се соочуваат голем број жени.
Според авторките, нерешеното станбено прашање, дискриминацијата, невработеноста, недостатокот на финансиски средства, изостанување на плаќање на издржување на детето и помош при негово одгледување, неинформирањето на самите самохрани родители за нивните права, како и недостатокот на општествена и институционална помош се секојдневје на овие жени и дел од проблемите со кои се соочуваат самохраните мајки.
„Ваквата општествена поставеност и слабата и речиси непостојна институционална помош и поддршка доведуваат до ситуации кога самохраните родители се секундарно виктимизирани, без можност за исполнување на нивните права и обврските од страна на институциите кои треба да ги заштитат тие права, што на крајот на т.н. circulus vitiosus значи префрлање на вината врз самохраните родители за ситуацијата во која се нашле“, наведуваат авторките во Документот.
При креирање на општествени политики во оваа област, се нагласува во Документот, важно е да се има предвид дека самохраните мајки претставуваат хетерогена, особено чувствителна група лица, на кои континуирано им се потребни помош и поддршка од општеството и чии потреби се различни.
„Причината за тоа е фактот дека факторите на општествена загрозеност на оваа категорија лица се различни, поради што и нивните потреби се различни, а нивното задоволување бара и приспособување на тие потреби кон обликот на општествена помош и поддршка“, се истакнува во Документот во кој се посочува дека и при подготовката на Документот како фокус-група биле користени и изјавите и сведоштвата на самохрани мајки.
Просечната возраст на испитаничките, се наведува во Документот за самохраните мајки, била од 31 до 40 години и сите испитанички биле со високо образование.
Од исказите добиени преку фокус-групата, се истакнува во Документот, како и од анализата на достапната литература и истражувањата кои ја третираат оваа проблематика, може да се извлечат неколку генерални заклучоци:
Жртвите сметаат дека не ги уживаат еднакво правата и слободите кои им се утврдени со Уставот и законите;
Дискриминацијата и стигматизацијата се често присутни кај самохраните мајки;
Жртвите сметаат дека немаат еднакви стартни позиции за вработување;
При повик на полиција за пријава на семејно насилство, таа доаѓа многу подоцна од добиениот повик;
Институциите бараат вина кај личноста на жртвата за стореното семејно насилство;
Постои некомпетентен, нестручен кадар кој е вработен во институциите што се занимаваат со случаи на семејно насилство;
Има постојано менување на луѓето кои се дел од тимот кој го разгледува случајот на семејно насилство, со што постојано се виктимизира жртвата за да го раскажува случајот постојано на други личности;
Непрепознавање на психичко насилство од страна на институциите;
Озборување за случајот на семејно насилство од страна на вработени во институциите во помалите градови во државата;
При добиени закани од насилникот во однос на детето, институциите ја примаат информацијата како „момент на афект“.
За надминување на ваквата состојба, препорачуваат авторките во Документот, потребно е вработување стручни лица со соодветно образование кои ќе можат да одговорат на поставените предизвици што ги нуди семејното насилство, изработка на брошури со анонимни случаи на сторено семејно насилство кои ќе бидат оставени во чекалниците на институциите и на сите други места за кои ќе се одлучи дека се погодни за споделување.
Неопходна е едукација уште од најрана возраст и на машките и на женските деца за оваа проблематика, запознавање со правата на жените, што претставува семејното насилство – сите негови форми и подобрување на шансите за вработување на самохраните мајки жртви на семејно насилство, едукација за потпомагање за добивање на економска стабилност, соработка меѓу институциите, без префрлање на одговорноста, изработка на правилници за постапување со жртви на семејно насилство во кој ќе бидат вклучени и децата и поголема активност на невладините организации во информирање на јавноста во соработка со институциите за теми поврзани со семејното насилство и самохраното родителство.
„Исто така, потребно е јасно дефинирање на статусот на самохраните родители и неговото вметнување во законската рамка, за да се обезбеди заштита и да се заштитат нивните права, опсежна и детална анализа на најчестите проблеми со кои се соочуваат самохраните мајки кои биле жртви на семејно насилство, обезбедување обуки на вработените лица во сите релевантни институции кои ја третираат оваа проблематика, информативни кампањи за самохраните мајки кои биле жртви на семејно насилство за да бидат информирани преку нив за нивните права, обезбедување системска и долготрајна финансиска поддршка од страна на држaвата на невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика во процесот на подобрување на постапувањето на државните органи со самохраните мајки кои биле жртви на семејно насилство, како и обезбедување соодветни услуги и итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејно насилство“; препорачуваат авторките.
Кон крајот на минатата година самохрана мајка, која поради бременоста била дискриминирана на работното место, ја доби правдата на суд. Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз самохрана мајка од страна на нејзиниот работодавач, кој го повредил нејзиното право на еднаков третман врз основа на пол, личен и семеен статус, раѓање и родителство. Се работи за случај во кој постои грубо прекршување на одредби од Законот за работните односи и Законот за заштита од дискриминација, вели правниот застапник на тужителката, адвокатката Павлина Зефиќ.
Целиот документ можете да го погледнете тука.
М.В