/ Прочитано:

2.651

САМОУВЕРЕНО ДО ЦЕЛТА: Постојаното надградување е клучот за да се издвоите на пазарот — адвокатска канцеларија „Тошиќ & Јевтиќ“

Последниве години во Македонија, се повеќе млади правници се решаваат самостојно да запливаат во светот на адвокатурата. Рамо до рамо со искусните „волци“, тие самоуверено чекорат до посакуваните цели. Типични претставници на генерацијата „храбри млади луѓе“ се 28-годишните Ивица Јевтиќ и Ана Тошиќ. Нивната адвокатска канцеларија „Тошиќ и Јевтиќ“ пред само неколку дена го прослави вториот роденден. 

„Со Ана се запознавме на факултет. Потоа се случи и двајцата да аплицираме на исто место за приправник, во адвокатското друштво „Поленак“. И двајцата бевме примени, и двајцата практициравме две години во ова друштво. Морам да истакнам дека „Поленак“ е канцеларија каде навистина може да се научат многу работи за адвокатурата, дефинитивно искуство кое многу нѝ значи. Потоа, во исто време положивме правосуден испит и решивме дека е подобро да продолжиме сами отколку да работиме во некоја адвокатска канцеларија“, раскажува Ивица, додавајќи дека тие се првата генерација адвокати во своите семејства.

Шест месеци траела потрагата по просторот кој одговара на нивните погледи на правото. Од она што нашата екипа го виде, потрагата завршила успешно.

„Сакаме да работиме по професионални стандарди, затоа и долго време баравме соодветен простор. Идевме по снегови надоле – нагоре, по сите агенции за недвижности и конечно се одлучивме за овој простор којшто најмногу одговараше на нашите замисли“, вели Ана.

„Пред да почнеш со работа треба да создадеш предуслови. Нашата цел е да создадеме поинаков систем на работа, кои го применуваат малку адвокатски канцеларии во Македонија. Нашата крајна цел е судска постапка, а нашата основна цел да го намалиме правниот ризик во компанијата за која работиме. Тоа е систем кој функционира во светот и во Европа, но многу малку адвокати и адвокатски друштва го практицираат тука“, се надоврзува Ивица.

Многу храбро, со доза на позитивен страв, вака Ана го опишува самостојното влегување на пазарот на правните услуги во Република Македонија.

„Не се плашевме, го знаевме судството, ги знаевме условите во кои што функционира оваа држава. Едноставно си ја сакаме професијата и знаеме и двајцата  по кои приниципи треба да работиме и сакавме да успееме и засега добро нѝ иде.  Добро е кога стануваш наутро и знаеш зошто стануваш, сакаш да идеш на работа и тоа не ти претставува никаков товар. Значи немаш ограничување со работно време. Сето тоа дава една голема слобода, а таа слобода ти овоможува да бидеш многу покреативен“, потенцира таа.

Корпоративното право – прва љубов

Праксата во адвокатското друштво „Поленак“ била клучна кај Ана да се роди љубовта кон корпоративното право.

„Јас уште во текот на моето практицирање го засакав и како прва љубов ми се наметна корпоративното право. На факултет немав можност да осознаам што е тоа корпоративно право, што е тоа  економско право, како функционираат акционерските друштва, како функционираат трговските друштва, какви промени можат да се случуваат – сето тоа беше непознато за мене. Меѓутоа, низ праксата кај „Поленак“ ја стекнав љубовта кон корпоративното право. Значи го обожавам ова право, тоа ми е број еден! Многу ми е интелегентно, многу ми е „елегантно“… Работиме и граѓанско право, јас малку повеќе се насочувам кон работните односи. Тоа се две нишки кои ги сакам и ги работам. Исто така и договорите, сакам комплексни и големи договори…“, со голема страст раскажува младата адвокатка.

Со текот на времето, како што посочуваат, кај секој од нив, природно се наметнала одредена област во која се специјализираат.

„Јас  повеќе сум ангажирам околу судските постапки, оние кои мора да ги водиме и во однос на дел од корпоративно право: основање на фирми, преобразби, спојување на друштво… Ивана, нашата приправничка, се насочува кон интелектуалното право“, вели Ивица.

„Здрави“ кавги за „здрави“ предмети

Меѓусебни кавги за предмети признаваат дека има, но велат дека се „здрави“ за функционирањето на адвокатската канцеларија.

„Се караме за предмети. Кога немаме ист став, а јас сакам да истуркам својот,  тогаш настанува жестока караница. Но доколку јас успеам да го истуркам мојот став кон нејзе, значи најверојатно ќе го истуркам и на суд. Значи се работи за позитивни конфронтации околу начинот и стратегијата како да се пристапи кон еден проблем, но на крај доѓаме до заклучок да се заземе ставот кој преовладува. Сепак, сметам дека ваквите кавги се „здрави“, бидејќи е многу битно ако нешто не чини да се каже во старт и да се исправи работата во канцеларијата, отколку да се пробува да се исправи на суд или пред клиентот или пред било која институција каде ќе треба да се изнесе тој правен проблем“, истакнува Ивица.

„Во тоа конфронтирање вадиме сѐ од литература, сѐ од пракса, сѐ од научни изданија и тоа се чита со денови и денови… Нешто кога го нема кај нас го бараме во странски изданија, по европските регулативи и сл.“, се надоврзува Ана.

Инвестирањето во себе – неопходно за професионален развој!

Потребата да се надградуваат и активно да ги развиваат сопствените капацитети ја задоволуваат со читање правна литература и присуство на обуки, но имаат замерка до судовите.

„Во последниве години благодарение и на издавачката куќа АКАДЕМИК, правна литература може да се најде. Значи најголемиот дел законите имаат коментари, што е многу битно. Има одлични веб страни домашни – како вашата, но и странски коишто се бават правни проблематики. Списанието „Правник“, исто така е одлично. Според мене болна точка е оној дел, кој државата треба да го среди во однос на судските пресуди. Значи многу е тешко да се најде пресуда по однос на одредена тематика, значи најчесто сајтовите на Основните судови не се ажурирани, не се отвораат, не се поделени по области. Формално се поделени, но во таа формална поделба можеш да најдеш само две-три пресуди. Ако побараш пресуда за одредено правно прашање тешко дека некој ќе ти излезе во пресрет да ти помогне, а судската пракса многу помага“, вели Ивица.

„Уште повеќе гледаме да ги посетуваме Обуките што се организираат од Академијата за судии и јавни обвинители, од Американската амбасада, од Академик, од Здружението на правници. Значи гледаме да бидеме присутни на најголемиот дел од обуките и семинарите  каде сепак зборуваат експерти, се споделуваат искуства и затоа е добро да се учествува“, додава Ана.

Според овие млади луѓе, квалитетот и ставот што го имате спрема околината се суштинските карактеристики кои ви се потреби за да се издвоите на пазарот. 

„Адвокатурата е специфична професија на која во Македонија ѝ е забрането рекламирање. Начинот на којшто треба да се одвоите од другите е квалитетот на работа и ставот што го имате спрема околина. Адвокатите според мене треба да се одвојуваат од останатите во правосудниот свет. Значи по начинот на однесување, по начинот на облекување, по начинот на пишување и практицирање на правото. Ние кога почнавме нѝ беше многу битно уште на почеток да биде целосно брендирани: со назив, со лого, со веб страна. Исто така е многу битен и начинот на кој се однесувате и како ве гледа остатокот од светот. Сметам дека е многу битно адвокатите секогаш да бидат добро средени, односно облечени.  Ние петок го третираме како полабав ден во однос на гардеробата, ама исклучиво доколку немаме судење, па можеме да облечеме и џемпер или, пак, само кошула без вратоврска, фармерки…“, објаснува Ивица.

Нивната „скоцканост“ од петици до глава, Ана ја препишува на серизноста со која пристапуваат кон судот, но и останатите институции.

„Скоцкани сме бидејќи со голема сериозност пристапуваме кон судот, поротниците и сите учесници во постапките. Судот за нас е врвна институција, судијата е авторитет. Преку нашето целокупно однесување ја искажуваме нашата почит. Сепак сметам дека во суд треба да се влезе облечен соодветно на институцијата“, вели таа.

Македонскиот правен систем – многу формален

Познатите адвокатски серии како „Suits“, „Boston Legal“, „The Good Wife“…, во голема доза реално го отсликуваат англосаксонскиот систем, сметаат нашите соговорници. За македонскиот правен систем, пак, кој претежно се заснова на  континенталниот модел велат дека е многу формален и го ограничува талентот на еден адвокат.

„Начинот на кој е отсликан англосаксонскиот систем во актеулните адвокатските серии е доста реален, освен оној дел каде тие секогаш успеваат да го „притиснат“ на крај сведокот (се смее). Кај нас системот е многу формален. Во суд, дарбата или квалитетот на адвокатот многу тешко доаѓаат до израз. Но, сметам дека преку измените  во ЗПП кои овозможуваат директно да  им се поставуваат прашања на сведоци, како и преку вкрстеното испрашување во ЗКП – многу повеќе ќе доаѓа во преден план улогата на адвокатот и искажувањето на неговите квалитети. Ова сметам дека е мал чекор да дојдеме до фаза во која квалитетен адвокат ќе може да го искаже она што го сработил во канцеларија“, потенцира Ивица.

Цел: Голем тим за покриеност на сите правни области

За десетина години од сега, целта на адвокатската канцеларија „Тошиќ и Јевтиќ“, која сега брои тројца членови, е создавање на тим кој би се грижел за секоја од област од правото.

„Невозможно е да ги познавате сите материи, правото е комплексно, ако ги познавате сите материи значи не знаете ништо. Така што за 10 години се надеваме дека ќе имаме барем по еден адвокат за секоја област од правото“, вели Ивица.

„Си ја сакаме професијата и најискрено се надевам дека ќе останеме позитивни и за десетина години. Се надевам дека многу работи ќе се средат во државава и ќе имаме вистинско практицирање на правото, нема да ни се ограничува таа слобода на изразување во рочиштата. Принципот на усменост ќе биде повеќе застапен. Сакаме комплексни предмети, сакаме да се надградуваме и да идеме напред. Многу е битно да се смени погледот и на адвокатите и на судиите и на јавните обвинители кон сериозноста на предметите со коишто работат. Значи сакаме право, сакаме да полемизираме, сакаме да испрашуваме, сакаме да бидеме испрашувани!“, подвлекува Ана.


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 6.2.2014