/ Прочитано:

690

Санкции за директорите и вработените на клиниките кои не го почитувале работното време

Понеделник, 17 јуни 2013 – Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска најави парични казни за директорите и дисциплински постапки за вработените на клиниките кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат при ненајавени контроли не ги затекнал на работното место, доколку за тоа нема оправдани причини. 

„Да се биде директор не значи да се седи во кожна столица, туку да се биде пример за вработените. Доброто однесување на директор е добар пример и за вработените, но негативниот исто така, е негативен пример за докторите“, рече министер Тодоров.

Директорите кои потфрлиле во работните обврски, ќе бидат повикани на разговор во Министерството за здравство. Доколку нема соодветна оправдана причина за нивното непојавување на работното место, ним ќе им бидат одредени парични казни. Директорите на клиниките, пак, се должни да поведат дисциплинска постапка кон вработените кои не биле на работното место за време на инспекцискиот надзор, доколку, тоа исто така било од неоправдани причини. Министерот за здравство истакна дека во иднина директорите на клиниките треба да го известат министерството доколку бидат отсутни од работа поради посета на конгреси, семинари или користење на одмор.