/ Прочитано:

796

Саркози на суд поради сомнежи за незаконско финансирање на предизборната кампања

Четврток, 22 ноември 2012 – Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози денеска ќе биде сослушан во судот во Бордо во врска со сомнежите дека неговата изборна кампања  во текот на 2007 година била незаконски финансирана од страна на најбогатата жена во Франција.

Во случајот што може да ги уништи надежите на 57-годишниот Саркози за евентуалното враќање во политиката, поранешниот француски претседател е осомничен дека финансиски ја искористил  90-годишната наследничка на козметичката куќа „Лореал“, Лилијан Бетенкур,чија што здравствена состојба од 2006 година, па наваму е доста влошена.

Според сметководителот на Бетенкур, на благајникот на партијата на Саркози му биле исплатени 150.000 евра во кеш, што е над дозволениот износ за поединечни донации.

Се очекува прашањата на надлежниот истражен судија најмногу да бидат насочени кон тоа како Саркози успеал да ги добие овие средства од Бетенкур, која што поради влошената здравствена состојба повремено не е свесна за своите постапки. 

Доколку Саркози биде обвинет тој ќе се товари дека парите биле обезбедени без согласност на Бетенкур и дека вкупниот износ на истите бил над дозволеното за поединечни донации. Поранешниот претседател ги отфрли обвинувањата.