/ Прочитано:

2.203

СДСМ: Екстерното тестирање да се укине уште годинава, ВМРО – ДПМНЕ: Ова е популистичка мерка која е на штета на учениците 

Учениците, професорите и наставниците ја поздравија иницијативата за укинување на екстерното тестирање. Тие го соопштија уште еднаш ставот на сите засегнати страни, искажуван досега во јавноста, дека екстерното тестирање не носи вистински промени, туку само дека предизвикува стрес кај учениците, родителите и наставниците. И тие упатуваат на она што е и определба на новата Влада, дека мора да има нов систем на евалуација базиран не врз казни, туку врз награди и мотивација на учениците, наставниците и професорите и училиштата.

Пратениците на СДСМ во Собранието на Република Македонија, Стефан Богоев, Ивана Туфегџиќ и Петар Атанасов, денеска остварија средба со матуранти, наставници, професори на која се разговараше за укинувањето на екстерното тестирање, како и за реформите во образованието кои се предвидени во програмата на новата Влада.

„Во Предлог-законот што го доставивме до Собранието се бара укинување на екстерното тестирање веднаш. Бидејќи не е обемен закон, односно се бара само укинување на екстерното, ние употребивме можност од Деловникот за да може да го предложиме по скратена постапка, бидејќи сме свесни дека роковите течат. Законот е поднесен и очекуваме на првата наредна седница да биде ставен на дневен ред“, рече Богоев.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ посочи дека укинувањето на ектерното тестирање е прв чекор во сеопфатните реформи во образованието. 

„Сега е приоритетно да се укине екстерното тестирање, за да сопре малтретирањето и на децата и на родителите и на професорите“, рече Туфегџиќ.

Учениците, професорите и наставниците ја поздравија иницијативата за укинување на екстерното тестирање. Тие го соопштија уште еднаш ставот на сите засегнати страни, искажуван досега во јавноста, дека екстерното тестирање не носи вистински промени, туку само дека предизвикува стрес кај учениците, родителите и наставниците. И тие упатуваат на она што е и определба на новата Влада, дека мора да има нов систем на евалуација базиран не врз казни, туку врз награди и мотивација на учениците, наставниците и професорите и училиштата.

Пратеникот Петар Атанасов најави дека новата Влада ќе работи интегративно, со цел создавање стабилен образовен систем којшто ќе продуцира стручни и квалитетни кадри, носители на општествениот развој.

„Важно е државата да ги помогне и поддржи наставниците, да ја поддржи наставата, бидејќи ни е важно секое дете кое ќе помине низ образовниот систем да добие знаење кое реално ќе му користи во животот“, порача Атанасов.

Пратениците од СДСМ најавија дека ваквите средби со граѓаните ќе бидат редовна практика на парламентарното мнозинство и дека планираните реформи ќе се спроведуваат во координација со целните групи, со цел постигнување најдобри решенија за сите проблеми и потреби на граѓаните.

Од своја страна, пак, ВМРО ДПМНЕ денеска на прес-конференција оцени дека намерата да се укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа и популистичка мерка која е на штета на учениците.

„Намерата на СДСМ да го укине екстерното тестирање е додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот. ВМРО ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка“, истакна Спиро Ристовски на прес-конференција.

Инаку, според последните измени и дополнувања на Законот за основно и на Законот за средно образование, кои беа усвоени лани во јули, добиените оценки од екстерното тестирање на учениците во основното и во средното образование нема да влијаат врз целокупниот успех, односно нема да имаат влијание врз просекот на оценките. Беше појаснето дека оценките од екстерните тестови по двата предмета кои ги полагаат учениците нема да бидат впишани во свидетелствата, туку ќе се воведе посебен додаток во кој ќе бидат впишани резултатите од полагањето.

Сепак, иако оценките од екстерните тестови нема да влијаат врз општиот успех на ученикот, тие ќе бидат пресудни при запишувањето во средните училишта и на факултетите, особено во ситуација кога кандидатите би имале ист број бодови.

Една од клучните измени во делот за екстерното тестирање беше онаа што предвидува полагањето да започнува од шесто одделение, наместо како што беше претходно, кога со екстерно тестирање започнуваа четвртоодделенците.

А. Б.