Се бара решение за блокираната сметка на Гинекологија поради тужбените барања од родители на деца со оштетен вид
„Одлуката за симнување пари од сметката по тужба за некој случај кој бил во 2008 година не затекна и нас. Тоа е сума на средства која не е предвидена во буџетот на Клиниката. За таа цел ќе имаме средба со директорката на институцијата и со луѓе од Министерството за финансии за да ги разгледаме сите околности и да знаеме кои следни чекори да ги преземе, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Според информациите, сметката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) е блокирана поради тужбени барања од родители на деца родени во 2008 година. Се работи за судски процеси на родители на деца родени во 2008 година кај кои имало оштетувања на видот, бидејќи се задоцнило со дијагностицирање на ретинопатија. Од ГАК соопштија дека извршната пресуда е на сума од околу 666 илјади евра.