/Прочитано:

1.414

СЕ БАРААТ ПОАЖУРНИ КАЗНИ ЗА НЕСОВЕСНИТЕ ВОЗАЧИ: „Главниот град прераснува во огромен паркинг со окупирани тротоари и пешачки зони“

Во Скопје велосипедските патеки и јавните површини се окупирани со возила и главниот град постепено прераснува во еден огромен паркинг, кој го окупира слободниот јавен простор. На тој начин, другите граѓани се маргинализирани и без еднаков третман, велат од Иницијативата „На точак“ од каде што најавуваат дека 60. по ред денешна „Критична маса“ ќе биде посветена на проблемот со окупираните велосипедски патеки и јавни површини. Денешната „Критична маса“ ќе се вози денеска, со почеток од 17:30 часот, од плоштадот „Македонија“.

Поквалитетен живот не е можен со блокирани тротоари и окупирани пешачки зони

„Нашата цел за вело-пријателски град е град поквалитетен за живот за сите, а такво нешто не е возможно со блокирани тротоари, окупирани пешачки зони, приоди кон влезови итн.“, истакнуваат од Иницијативата, која ги повикува граѓаните да се придружат на денешниот настан.

Од „На точак“ потенцираат дека нивните барања се за Скопје во кое секое дете може безбедно да отиде до училиште по тротоар кој е слободен и неблокиран, за Скопје во кое родителите ќе можат на мира да ги прошетаат децата во детски колички, за Скопје во кое секое лице во инвалидска количка или со какви било проблеми при движењето ќе може да се движи без пречки – достоинствено и за Скопје во кое велосипедистите нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред и за Скопје без автомобили на тротоарите.

 МВР поажурно да ги казнува оние што го прекршуваат законот

Едноставно, нагласуваат од Иницијативата „На точак“, нашата патека не е паркинг. Заштитните столбови се единствениот механизам понуден од надлежните власти за справување со несоодветно паркираните возила. Индивидуалната акција, нагласуваат од Иницијативата, треба да е само почеток и поттик за Министерството за внатрешни работи да почне поажурно да ги казнува оние што го прекршуваат законот, паркираат на необележани паркинг површини и загрозуваат нечија безбедност.

„И ние би сакале да функционираат работите, да постои поголема свест, да нема казни и да нема потреба од поставување на столпчиња насекаде, но се чини дека барем сега засега, тоа е начинот. Се радуваме на сите простори на булеварите кои се ослободени за планираните корисници (пешаци и велосипедисти) по долгогодишна окупација од возила и даваме поддршка Град Скопје одлучно да продолжи со акцијата. Ќе има и отпор кон промената, но за некое време сите ќе почнеме да ги уживаме придобивките“, велат од Иницијативата.

Проблемот од булеварите, додаваат од „На точак“, може да се прелее на споредните улици (кои се во надлежност на општините) и таму возачите да окупираат јавни површини. Затоа апелираме во решавањето на овој проблем да се вклучат и општините и особено Министерството за внатрешни работи.

Законските забрани за паркирање и запирање

Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во одредбите кои се однесуваат на запирањето и паркирањето, се пропишува дека возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.

На јавен пат, на места односно на простор наменет за запирање и паркирање на возила, како и на посебно уредена сообраќајна површина наменета за движење на пешаци и велосипедисти, забрането е да се остават возила кои поради оштетеност, односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила, камп-приколки и слично), како и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот и се загрозува животната средина.

Возилата и предметите сопствениците по барање на полициски службеник се должни да ги отстранат веднаш. Доколку сопствениците не ги отстранат, како и во случај кога тие се отсутни, возилата и предметите ќе бидат отстранети на трошок на нивните сопственици.

Отстранувањето на возилата и предметите го врши надлежно правно лице, на посебно уредени простори за таа намена. Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон, на возачот односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на посочените  забрани за запирање и паркирање.

М.В