/ Прочитано:

2.080

Се брише членот 175 од Законот за електронските комуникации во кој се пропишуваат должностите на операторите при следење на комуникациите

Министерството за внатрешни работи го објави текстот на измените на Законот за следење на комуникациите. Со предложениот закон, се вели во зaконските измени,  се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија, со цел нивна соодветна практична имплементација.

„Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори“, се вели во законското образложение.

Со усвојувањето на предложениот закон, се посочува во законот, ќе се надминат детектираните проблеми во областа на следењето на комуникациите и ќе се овозможи доследна практична имплементација. Во таа насока е и бришењето на членот 175 од Законот за следење на комуникациите, во кој се пропишуваше должноста операторите да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за електронските  комуникации.

 Законското објаснување на предложените измени:

„Со членовите 1 и 2 од Предлог-законот се менуваат членовите 168 во став (2) и 169 во став (1) од Законот за електронските комуникации, кои упатуваат на член 175. Со членот 3 се брише член 175 од законот, поради негово допрецизирање преку интегрирање во текстот од Законот за следење на комуникациите. Имено, со измените и дополнувањата содржани во првите три члена од овој предлог-текст на законот се врши целосна хармонизација помеѓу одредбите од овој закон со Законот за следење на комуникациите.

Со членот 4 се бришат глобите пропишани за сторени повреди на законот од страна на правно лице или трговец поединец кои произлегуваат од обврските утврдени во членот 175.

Со членот 5 се дава одложна примена на одредбите од овој Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации, поради обезбедување континуитет на законските одредби содржани во различни законски акти, а чија примена е условена со почетокот на примената на Законот за следење на комуникациите, најдоцна до 1 ноември 2018 година.

Со членот 6 се уредува влегувањето во сила на законот.“

М.В