Се чека Македонија да делегира претставник во тимот што ќе го истражува падот на Кингерот
Вторник, 22 јануари 2013 – До крајот на неделава, откако и Македонија ќе предложи свој претставник, се очекува официјално да биде формиран истражниот тим кој ќе ја реотвори истрагата за загинувањето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски во авионската несреќа кај Мостар.
Освен експерти од Македонија, во истрагата ќе бидат вклучени и претставници од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, како и еден експерт од САД.
Пред неколку години, Комисијата што беше оформена за истражување на несреќата, а ја формира Советот на министри на БиХ, изведе заклучок дека причината била „процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетување на Мостарскиот аеродром“. Поради недостиг на докази и факти, обвинителството на БиХ никогаш не поднесе обвинение против никого за падот на авионот.
Во авионската несреќата што се случи на 6 февруари 2004 година во Мостар, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.