/ Прочитано:

1.072

Натпреварот со „непристојна реторика и однесување“ под обвинителска лупа – Ф.К. Вардар застана зад своите навивачи и ја прозива ФФМ

Еден скопски навивач остана без дланка, а петмина други се повредени при тешкиот инцидент кој се случи на фудбалскиот дерби натпревар Пелистер – Вардар на стадионот под Тумбе кафе во Битола. Јавниот обвинител за Академик вели дека истрагата за овој немил настан е во тек. Лазар Нанев, професор и кривичен судија кој долги години го истражува феноменот на насилството на спортските терени дециден е дека се работи за неоправдан и непотребен чин, кој му нанесува само штета на спортот и македонскиот фудбал. Од Ф.К. Вардар, пак, виновникот го лоцираат во слабата организација – ФФМ да преземе соодветни мерки, бараат тие. На прозивките, ФФМ одговара дека од претходно и во континуитет организациски ги едуцирале клубовите, но подобрување на состојбата мора да има. Од МВР соопштуваат дека во врска со настанот поднесени се кривични пријави.

Јавно обвинителство: Случајот се истражува

Според очевидците и според телевизиските на натпреварот, лицата кои припаѓале на навивачката група „Комити“ биле повредени при експозија на шок бомба, а инцидентот се случил во последните минути од натпреварот кога полицијата се обидела да ја изнесе навивачката група Комити надвор од стадионот за да не дојде до евентуален контакт со битолската наниввачка група „Чкембари“ по завршувањето на дербито.

Во изјава за Академик Јавниот обвинител Марко Зврлевски вели дека случајот се истражува и дека определени информации со стигнати до него, но ги очекува сознанијата од истрагата која е во тек за да може да излезат со подетални информации за настанот.

Од Битолската полиција во текот на денов немаа официјален одговор како шок бомбата се нашла на трибината со скопски навивачи и дали ја употребиле полицајците, но неофицијалните претпоставки се дека шок бомбата на сила ја извлекол некој од навивачите, односно лицето кое ја активирало бомбата која експлодирала во неговата дланка и притоа повредила и други лица. Во меѓувреме, МВР излезе со дополнителни информации.

„СВР Битола изврши увид на местото на настанот, при што е подигнат материјал, кој ќе биде испратен на понатамошно Вештачење во МВР на РМ, а истрага ќе спроведе и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Извршен е разговор со докторите и со тешко повредениот. Според првичниот исказ на медицинските лица, таков вид на повреда не можела да се случи доколку повредениот не ја држел, односно не ја активирал шок бомбата во рака“, посочуваат од МВР.

МВР објави фотографии на навивачот со шок бомба во раката – поднесени се кривични пријави

МВР објави фотографија од навивачот со шок бомба во раката

„Имено, согласно досегашната пракса при ваквите натпревари, за да не дојде до судир меѓу двете навивачки групи, на гостинските навивачи им било укажано први да го напуштат стадионот. Откако одбиле доброволно да ја напуштат трибината, 10-ина минути пред завршувањето на натпреварот била издадена усна наредба за потиснување на навивачката група „Комити“ кон излезот на стадионот. Со потиснување на масата било пристапено од полициските службеници со штитови. Во еден момент се слушнала детонација на експлозивна направа која била активирана од страна на еден од навивачите по што настанал метеж. Биле повредени повеќе лица, кои од страна на навивачите биле извлечени за укажување на прва помош. Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале 8 лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди и 7 лица со лесни телесни повреди“

Од МВР велат дека од страна на СВР Битола превземени се потребните мерки и активности и  во консултација со ЈО издиференцирани се 7 кривично-правни настани, од кои за 4 ќе бидат поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „Напад на Службено лице при вршење работи на безбедноста“ и една кривична пријава за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“, додека за останатите 3 кривично- правни настани СВР Битола ги превзема потребните  мерки и активности за откривање на сторителите.

Ако бомбата на натпреварот со непристојна реторика е одземена насилно – тоа е кривично дело

Проф. д-р Лaзар Нанев чија научна специјалност и истражување е феноменот на спортското насилство и кој долги години го фокусира својот интерес кон спортските девијации, вели дека од она што можело да се види, се работи за случај на спортско насилство, а непријатниот настан со губењето на дланката на еден од навивачите, најверојатно е резултат на извршување на кривично дело.

„На еден натпревар со слаба игра како овој, она што беше евидентно е непристојната реторика на двете навивачки групи. При крајот на натпреварот некаде околу 90-тата минута се случи немилиот настан и од првичните информации не можеше добро да се согледа за што се работи. Според подоцнежните информации низ медиумите, се дозна дека најверојатно повреденото лице, за жал, насилно ја оттргнало шок бомбата која или се наоѓала во рака на полицискиот службеник или на неговиот појас. Инаку, овие шок бомби се користат во исклучителни ситуации заради превентивно спречување и не е спорно што полицајците ги имале со себе, а всушност не ги ни употребиле. И повредите на лицето, всушност, се настанати по извршување на кривично дело и како резултат на кривично дело, а тоа е напад на службеното лице“, вели професорот Нанев, кој посочува дека доколку во истрагата се утврди дека лицето насилно ја одзело шок бомбата, би требало да има и кривична пријава против него.

Натпревар од висок ризик

Според него, не може да се говори за преголемо присуство на полицијата, затоа што тоа не ја одразува вистинската слика, односно, за натпревар од висок ризик како овој, како што вели, мора да постои засилено полициско присуство.

„Полицијата прави план за безбедноста на натпреварот. Ова е натпревар од висок ризик и превентивни мерки неизбежно е да постојат. Друго е прашањето како е дојдено до извршувањето на кривично дело и тие работи ќе се разјаснат во истрагата. Во секој случај, се работи за еден многу немил настан и жално е да се гледаат вакви сцени кои само ги нарушуваат начелата на фудбалот како спорт. Мора да се истакне дека и прашањето на менталитетот се препознава во овој инцидент“, нагласува професорот.

Ф.К. Вардар: Слаба организација и многу пропусти

Од Ф.К. Вардар, пак, виновникот за ваквиот настан не го бараат во редовите на навивачите, туку во слабата организација, која, како што потенцираат, имала шокантен крај.

„Во врска со вчерашните немили настани на натпреварот од првото коло од новата сезона во ПМФЛ, помеѓу екипите на Пелистер и Вардар, екипата на Ф.К. Вардар изразува жалење за вчерашниот инцидент на Тумбе Кафе во Битола каде беа повредени неколкумина навивачи на нашиот клуб”, се вели во соопштението на ФК Вардар.

Од таму велат дека Ф.К. Вардар отсекогаш ги осудувал ваквите немили настани и очекува Фудбалската федерација на Македонија да ги преземе сите потребни мерки за спречување на секаков вид инциденти кои го нарушуваат фудбалските стандарди во Македонија, како и угледот на македонскиот фудбал генерално.

„Исто така, сакаме да изразиме и незадоволство за вчерашниот натпревар од организациски аспект на домаќинот. Беа направени многубројни пропусти од страна на организаторот, при што очекуваме раководните лица во ФФМ да преземат соодветни мерки”, нагласуваат од ФФМ, додавајќи дека Ф.К. Вардар како и секогаш до сега, продолжува со борбата против насилството на трибините, и секогаш ќе настојува да го подобрува угледот на македонскиот фудбал.

Илчо Георгиевски, претседател на ФФМ: Од наша страна преземени се сите мерки, но состојбата мора да се подобрува

На прашањето на Академик во врска со прозивките на Ф.К. Вардар за преземањето на мерки, Илчо Георгиевски, претседател на ФФМ, вели дека од нивна страна преземени се сите мерки, а особено во однос на едукацијата.

„Долго време одржуваме семинари со разни обучувачи, континуирано спроведуваме едукација за организирање на натпреварите. Ние од наша страна ги имаме преземено сите мерки во континуитет. Но, стоиме на ставот дека состојбата на терените мора да се подобрува со взаемна соработка меѓу ФФМ, клубовите и самите клубови“, вели тој и најавува подетална прес конференција во текот на денот на кои ќе бидат дадени сите одговори.

Што се натпревари со зголемен ризик и кои мерки се преземаат?

Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари како натпревари од зголемен ризик ги утврдува домашните и меѓународни спортски натпревари од поголемо натпреварувачко значење, спортските натпревари на кои се очекува присуство на голем број гледачи и спортски натпревари на кои се очекува присуство на навивачи на гостински клубови.

За спортските натпревари со зголемен ризик организаторот на спортскиот натпревар е должен да:

  •  ги извести веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа пред почетокот на спортскиот натпревар надлежните органи, спортските организации, како и спортистите кои учествуваат во спортскиот натпревар,
  • одреди одговорно лице кое ќе раководи со спроведувањето на мерките за спречување на насилното и недостојното однесување на гледачите и за соработка со Министерството за внатрешни работи,
  • достави до Министерството за внатрешни работи план за превентивно дејствување и организација на спортскиот натпревар и план за евакуација во случај на итност,
  • оствари соработка со преставниците на клубовите на навивачите заради давање помош при одржувањето на редот на спортскиот натпревар,
  • оствари соработка со Министерството за внатрешни работи заради постапување по насоките кои се однесуваат на обезбедување на јавниот ред и мир на спортскиот натпревар,
  • обезбеди пред спортскиот објект раздвојување и упатување на противничките групи навивачи кон посебните влезови,
  • обезбеди одвојување на домашните и гостинските навивачи во гледалиштето,
  • пушти во продажба влезници во зависност од капацитетот на спортскиот објект,
  • обезбеди на денот на одржувањето на спортскиот натпревар продажбата на влезниците да се врши на посебни продажни места надвор од спортскиот објект,
  • обезбеди техничка опрема за следење и снимање на однесувањето на гледачите,
  • обезбеди просторија за укажување на итна медицинска помош,
  • обезбеди простор за безбедно сместување на превозните средства на гостинскиот клуб,
  • ги преземе сите потребни мерки за домашниот клуб и неговите навивачи да не бидат причина за предизвикување на насилство и недостојно однесување на спортскиот натпревар,
  • оствари координација со Министерството за внатрешни работи пред да ги пушти влезниците во продажба,
  • обезбеди контролирана продажба на влезници со увид во документ за лична идентификација со можност едно лице да купи најмногу до пет влезници,
  •  води евиденција за продадени и отстапени влезници која особени содржи реден број, датум на продажба, име и презиме, назив на спортски клуб, адреса на живеење, односно престојување, трибина, блок, ред и седиште,
  •  не дозволи влез на навивачи од гостински спортски клуб за кои не бил претходно известен
  • дозволи влез на навивачи од гостински спортски клуб за кои бил претходно уредно известен  и да ги смести во делот на гледалиштето определен за гостински навивачи.

М.В veljanoskim@akademik.mk