/ Прочитано:

1.034

Се одбележува Денот на македонскиот јазик – духовно богатство од посебно културно и историско значење

Денешниот ден, 5 мај, се одбележува како Ден на македонскиот јазик. На 5 мај 1945 година, Народната влада на Народна Република Македонија со решение ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, што претставува и основа за понатамошното озаконување на првиот правопис, со што беше стандардизиран македонскиот јазик.

Азбука на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква

„Со Решението на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945 година, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, истакнуваат од Катедрата за македонски јазик при Филилошкиот факултет „Блаже Конески“.

Од тој момент, додаваат од Катедрата за македонски јазик, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена.

„Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите. Повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници“, истакнуваат од Катедрата за македонски јазик при Филилошкиот факултет „Блаже Конески“, по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик.

 „За македонските работи“ како кулминација

Македонскиот јазик, нагласуваат од катедрата за македонски јазик, е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 година, денот што денес го прославуваме. Иако за првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови.

Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.

„Оваа година, одбележувањето на Денот на македонскиот јазик има за нас посебно значење зашто конечно по 30 години можеме да објавиме дека двете македонистички катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизираа и ги сменија своите називи: Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се преименува во Катедра за македонски јазик, а Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во Катедра за македонски јазик и култура. Со овој чекор комплетно се заокружува македонистиката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Денес им оддаваме почит на сите луѓе, овде и во светот, кои со почит и со љубов се однесуваат кон македонскиот јазик. Денес им оддаваме почит и на сите лингвисти и македонисти што се грижат за унапредување на македонистиката како наука за нашето најголемо, културно и духовно богатство – македонскиот јазик, но и се обврзуваме и понатаму да го чуваме, негуваме, да го афирмираме и да го развиваме како најважен столб на нашиот идентитет и најскапоцено наследство за идните генерации“, истакнуваат од Катедрата за македонски јазик.

Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните

Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката, се пропишува во Законот за употребата на македонскиот јазик од 1998 година, со кој се уредува употребата на македонскиот јазик како службен јазик.

Македонски јазик, во смисла на овој закон, е македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Употребата на македонскиот јазик ги опфаќа неговата заштита, унапредување и збогатување.

„Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката. Со овој закон не се ограничува правото на слободно творештво и развивањето на културниот, јазичниот и верскиот идентитет на граѓаните на Републиката“, се пропишува во Законот.

Употреба на македонскиот јазик во согласност со Законот за употреба на македонскиот јазик

Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик, се пропишува во Законот.

Македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, се употребува и во:
– трговските друштва, претпријатијата, установите и другите правни лица регистрирани во Републиката;
– називите, рекламите и плакатите на правните лица;
– називите и упатствата на производите, лекарствата, етикетите, фактурите и слично;
– сметките, потврдите и други информации на амбалажата на производите, лекарствата и слично;
– обележувањето на јавните места;
– натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти;
– титлувањето, односно синхронизирањето на филмовите и емисиите на странски јазик што се прикажуваат јавно;
– титлувањето, односно синхронизирањето снимки на македонски јазик што не е во согласност со член 1 став 2 на овој закон, а што одложно се емитуваат;
– меѓународните договори и другите меѓународни акти што ги склучува Републиката и
– други слични случаи.

Заштитата и унапредување на македонскиот јазик

Заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик во согласност со Законот,  опфаќаат особено:
– нагласена грижа за употреба на македонскиот јазик во процесот на образованието и воспитанието;
– поттикнување на грижата за употреба на македонскиот јазик, во средствата за масовна комуникација, особено преку печатот, радиото и телевизијата;
– избегнување употреба на странски изрази и заемки, односно, по можност, нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика;
– афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за битието и природата на македонскиот јазик во јавната комуникација;
– афирмирање на македонскиот јазик во светот;
– поддршка на учењето на македонскиот јазик во Републиката и во македонските средини надвор од границите на Републиката;
– дејствување на полето на соодветна јазична образованост и култура, стимулирање и поддршка на програми, рубрики и емисии на електронските и другите медиуми за употребата на македонскиот јазик и изработка на компјутерски програми;
– стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик;
– предлагање кандидати за републички награди и признанија од областа на проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во Републиката и во странство;
– поддршка за учење на македонскиот јазик, како странски јазик, во и надвор од Републиката, како и давање јазична помош на заинтересираните лица;
– укажување на јазичните недоследности и неправилности во употребата на македонскиот јазик;
– организирање курсеви, семинари, советувања и други слични активности за употребата на македонскиот јазик и
– издавање публикации за македонскиот јазик и слично.