/ Прочитано:

850

Се одбележува Светскиот ден на потрошувачот — македонскиот потрошувач лани со најмногу претставки до Народниот правобранител

Петок, 15 март 2013 – Под мотото „Заштита на потрошувачките права“ Министерството за економија денеска традиционално ќе го одбележи Светскиот ден на потрошувачот. Втора година по ред, Дирекцијата за заштита на личните податоци организира „Отворени денови за заштита на личните податоци на потрошувачите“. Оваа година, кампањата ја спроведуваат со банките и друштвата за наплата на долгови. Во меѓу време, според статистиките на Народниот правобранител, минатата година имало најголема повреда на правата на потрошувачите во земјава. 

Отворените денови кои ги организизира Дирекцијата за заштита на личните податои се под мотото „Вашата приватност е сигурна со нас!“. Денеска во Скопје (Градски Трговски Центар), на 19 март во Битола (Градски Плоштад), на 21 март во Кавадарци (Градски Плоштад), на 26 март во Тетово (Градски Плоштад), на 28 март во Охрид (Градски Плоштад), на  30 март во Струмица (ТЦ Глобал), во период од 12 до 15 часот.

На отворените денови граѓаните ќе имаат можност да се информираат за своето право на заштита на личните податоци во банкарскиот сектор, да добијат одговори на најчесто поставуваните прашања поврзани со собирањето и обработката на личните податоци, директниот маркетинг, но и да постават директни прашања до Дирекцијата за заштита на личните податоци, банките и друштвата за наплата на долгови. 

Денешниов ден го одбележува и Министерството за економија каде ќе присуствуваат претставници од Организацијата на потрошувачите на Македонија, Стопанската комора на Македонија, бизнисмени, како и други институции чии надлежности се поврзани со заштитата на потрошувачите. Министерот за економија и претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора ќе потпишат Кодекс за добро однесување на банките и штедилниците.

Денешниот ден традиционално секоја година е одбележан од надлежните институции. Меѓутоа, минатата година граѓаните најмногу се жалале на непочитување на нивните права како потрошувачи, заклучил Народниот правобранител Иџет Мемети земајќи го во предвид големиот број на претставки што стигнуваат до неговата канцеларија.