/Прочитано:

1.088

Се одржа втората научна трибина посветена на употребата на канабисот во медицински цели

Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ денеска ја организираше втората научна трибина „Употреба на канабис во медицински цели во Република Македонија“. На денешната трибина која беше посветена на медицинските аспекти на канабисот и на која говореа истакнати македонски лекари, научници и професори по медицински науки, беше истакнато дека медицинскиот канабис е полезен во лекувањето и третманот на многу болести.
Употребата на канабисот во светски рамки, нагласи д-р Аспазија Софијанова, специјалист педијатар, укажува на тоа дека навистина супстанцата која што е екстрахирана и која што делува на мозочните ЦеБе1 и ЦеБе2 рецептори, има позитивно влијание, дури и кај децата.

„Маслото од канабис, канабоилот, како супстанца која има одредено дејство врз централниот нервен систем кај одредена патологија што се јавува кај децата како рефлактерни епилепсии, хипоксични семични цефалопатии или тешки аксфиксии каде што се очекува оштетување на мозокот и спречување на секундарна повреда на мозокот и нормално кај децата со спектарот на аутизам, при светските испитувања забалежа позитивно влијание“, истакна Софијанова.
Како дел од Здружението на токсиколози, истакна д-р Нико Беќаровски, специјалист токсиколог, бев меѓу првите во земјава кои се залагаа за легализација на канабисот за медицинска употреба.

„Веднаш да напоменам дека од законското решение не сум задоволен, секако дека ќе се борам и понатаму, право за измена на индикационото подрачје, а понатаму во однос на измена на тоа кој може се да препишува, со оглед на тоа дека нашиот закон е премногу рестриктивен, нагласи Беќаровски, додавајќи дека се уште има голем дел од пациентите кои повеќе веруваат на канабисот што го добиваат од црниот пазар отколку во официјално регистрираните производи.
„Она што го забележавме по првата година од легализацијата е намалување на бројот на пациенти кои пристигнале на нашата клиника, со што сите неосновани стравови дека нагло ќе се покачи бројот на уживатели „паднаа во вода“, посочи д-р Беќаровски.

Според д-р Дарко Костовски-специјалист психијатар при ГОБ 8-ми Септември, канабисот помага за многу состојби и позитивно е тоа што се разбиваат стигмите и што добар дел од стручната јавност ги согледува позитивните аспекти.

Низ интерактивната дискусија на расправа беше нагласено дека понови истражувања јасно покажуваат дека канабисот не само што не е штетен туку е и здрав за човекот, односно наоѓа широка медицинска употреба.  Конечно е време, истакна адвокатот и еден од основачите на Здружението „Билка“, Јанаки Митровски,  да ги отстраниме стегите наметнати од периодот на сатанизација на канабисот, која започнува во средината на триесеттите години, а трае и денес.

Кон крајот на минатата година во салата на Наставно-научниот совет при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари се одржа научна расправа на тема „Легализација на канабисот, да или не?“.
Пред бројната публика на стручната расправа свое излагање имаа адвокати, судии, професори и обвинители, кои говорејќи за легализацијата на канабисот од правен аспект, заклучија дека за прашањето за легализација на канабисот мора да се следат современите трендови и, во таа насока, да се отвори сериозна јавна дебата за усогласување на законодавството со либералните концепти за легализацијата на канабисот.

„Да ги следиме современите трендови за легализација на канабисот“ – порачa стручната јавност пред бројната публика на Правниот факултет

М.В