/ Прочитано:

7.832

Се основаше Македонско пенолошко друштво

Во Македонската академија на науките и уметностите се основаше Македонското пенолошко друштво.

Основачката седница на друштвото се одржа во МАНУ, во присуство на повеќе еминентни професори на Правниот факултет и стручњаци од областа на казненото право и извршувањето на санкциите.

На седницата беа донесени и усвоени основачкиот акт и повеќе други одлуки при што за претседател на Македонското пенолошко друштво е избрана д-р Елена Мујоска-Трпевска, за почесен претседател проф. д-р Љупчо Арнаудовски, а беа поднесени и предлози за членови на Извршниот и Надзорниот одбор на друштвото.

Потврдени членови на Извршниот одбор се: академик Владо Камбовски,  Гордана Лажетиќ-Бужаровска, Елена Мујовска-Трпевска, Александра Груевска-Дракулевски, Лазар Нанев, Николче Петкоски и Фросина Тасевска. Членови на Надзорниот одбор се: Никола Тупанчески, Драги Целески, Беса Арифи, Ана Павловска-Данева, Јован Ананиев, Крсте Малјановски и Олга Ѓуркова.

Истакнувајќи ја тековната состојба во однос на донесените законски и правни решенија во доменот на казненото право и санкциите, како и на актуелните состојби во затворите и казнено-поправните институции во Република Македонија во услови на петнаесетгодишен прекин и непостоење на вакво стручно-научно тело, присутните се согласија дека со основањето на Македонското пенолошко друштво и воедно со обновата на работата на оваа правна тематика се отвора широк простор за дејствување, како движечка сила и иницијатива за истражувања и активности.

„Основањето вакво друштво е извонредно значајно поради потребата од координација помеѓу државните установи и академската заедница во овој домен, особено во поглед на процесот и преговорите на пристапување кон Европската Унија и спроведувањето на проектите од ИПА-фондовите, а се потенцира и итната потреба од функционирање на пробацијата“, беше истакнато на седницата.

М.В