/ Прочитано:

8.704

Се подготвува ли терен за отфрлање на тужбата против дивата струшка депонија?

Во петокот беше 4-четвртото рочиште за главна расправа по предметот заведен по првата тужба против дива депонија во Р. Македонија, конкретно струшката дива депонија пред Основен суд Струга. Ова рочиште беше одложено како би можел судот формално да се произнесе по приговорите за непостоење на судска (стварна) надлежност на Основниот суд во Струга за постапување по прашањето за дивата депонија во Струга.

Согласно позитивните прописи, конкретно, Уставот на Р.Македонија, Законот за животна средина и Законот за управување со отпад, нашата држава има превземено обврска да обезбеди право на здрава животна средина. Со поднесената тужба се бара од судот во Струга да ја задолжи државата преку Министерството за животна средина и просторно планирање како управен орган надлежен за прашања од областа на животна средина на централно ниво, Општина Струга и ЈП Комунално Струга како надлежни органи на локално ниво да ги почитуваат Уставот и законите и на жителите на Општина Струга да обезбедат право на здрава животна средина. Во тој контекст е и тужбеното барање со кое практично се бара од тужените надлежни органи да ја дислоцираат депонијата, да се деконтаминира и култивира местото каде се наоѓа депонијата.

Во оваа прилика би сакал да се осврнам на принципот на владеење на правото кој е често спомуван термин од политичарите на власт како еден од постулатите на демократското општество. Спорењето на тужбеното барање од страна на тужените, претставува противење на одредби од Уставот на Р. Македонија, Законот за животна средина и Законот за управување со отпадот. Принципот на владеење на правото не подразбира почитување на законите само од страна на граѓаните, туку исто така и почитување на позитивните законски обврски кои власта ги има превземено во корист и интерес на нејзините граѓани. Во овој случај имаме класичен пример на непочитување на Уставот и законите од страна на самата власт. Во тој контекст се поставува прашањето како власта може да очекува од обичниот граѓанин да ги почитува Уставот и законите кога истата во голема мера врши груба повреда и непочитување на истите? Зарем ова е примерот кој власта го дава за тоа како треба да се почитуваат законите во нашата држава?

Решавање на прашањето за постоење на судска (стварна) надлежност за постапување по предметот со струшката дива депонија неслучајно временски кореспондира и со изборната кампања и претстојниот втор круг на локални избори во Струга. Од страна на видни владини функционери од страна на власта на централно и локално ниво особено се потенцира „зелената агенда“ која би требало да значи грижа за животната средина а со тоа и правото на живот во здрава животна средина. На партиска говорница се даваат ветувања за справување со проблемот со дивата струшка депонија, но на терен, односно во суд жестоко се спори тужбата со која се бара почитување на правато на здрава животна средина како обврска на власта, односно државата. Единствен начин за задушување на овој крик на жителите на Општина Струга е со бараното отфрлање на тужбата. На овој начин судот без мериторно одлучување по тужбеното барање ќе отфрли понатамошно расправање по однос на тужбата и тужбеното барање.

Искрено верувам во принципот на владеење на правото во нашата држава, почитување на законите. Се надевам дека судот во Струга како претставник на судската власт во државата ќе излезе од сенката на извршната власт и донесе одлука во интерес на граѓаните во чие име носи одлуки.

Глигорие Ќатоски, адвокат и граѓански активист

Поднесена тужба поради непреземање мерки за справување со дивата депонија во Струга

„Стружани може да тужат за труењето предизвикано од дивата струшка депонија“ – Глигорие Ќатоски, адвокат и граѓански активист (М.В)