/ Прочитано:

1.555

Се подготвува нов Закон за конфискуван имот

Министерството за правда подготвува нов Закон за конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Електронски регистар за следење на конфискуван имот

Цел на Предлог-законот, образложуваат од Министерството, е овозможување на електронски регистар за следење на конфискуван имот и законско регулирање на правните празнини согласно меѓународните стандарди.

Со новиот Закон, додаваат од Министерството, ќе се надминат проблемите и предизвиците кои се јавуваат во досегашната пракса, а се однесуваат на управувањето на конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, како и овозможување функционално работење на Агенцијата за управување со одземен имот.

Прашањето за управувањето со конфискуваниот имот е актуелна тема во земјите од регионот и од Европската унија, особено од аспект на упредувањето на законодавството и неговата доследна примена во делот на конфискацијата.

Како прашањето за управувањето со конфискуваниот имот е регулирано во повеќето држави?

Во последното истражување на Парламентарниот институт во Собранието на РСМ посветено на прашањето за конфискуваниот имот, се посочува дека во  повеќето од државите постои одредено законодавство кое се однесува на процесот на конфискација, некои од нив со детални и добро осмислени одредби за тоа која е крајната дестинација на конфискуваните средства.

„Интересна карактеристика е тоа што во некои од државите постои специјално тело кое е задолжено за управување и ликвидирање на конфискуваните средства (Франција, Португалија, Шпанија, Словенија, Молдавија, Обединетото Кралство)“, се вели во истражувањето.

Конфискуваните средства се користат и за цели на „репаративна правда“ односно за надомест на штета на жртвите од кривичното дело – во Шпанија средствата добиени од криминал со дрога; во Латвија, од економски и финансиски криминал; во Обединетото Кралство и Франција, без ограничувања околу видот на криминалот.

„Некои од државите, Белгија, Грција, Црна Гора, Романија, експлицитно дозволуваат користење на соодветни конфискувани предмети (автомобили, бродови итн.) или конфискувани средства од страна на полицијата или други јавни органи. Можноста за употреба на конфискуваните средства во добротворни или други општествено корисни цели, постои во Албанија, Естонија, Франција, Грузија, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Романија, Словенија, Шпанија, Турција, Обединетото Кралство. Единствено само во две држави граѓанските организации имаат право на збор во однос на распределбата на конфискуваните средства – во Унгарија преку „Добротворниот совет“ и во Обединетото Кралство преку полицијата и комесарите за криминал, додека во Естонија, Франција, Грузија, Унгарија, Латвија, Романија, Шпанија и Обединетото Кралство може да бидат и корисници на таквите средства“, образложуваат од Парлементарниот институт.

Како прашањето за управувањето со конфискуваниот имот е регулирано во домашното законодавство?

Во Република Северна Македонија ова прашање е регулирано со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и со Правилникот за постапување со одземен имот. Агенцијата за управување со одземен имот управува со конфискуваниот имот, имотната корист и одземените предмети. Агенцијата ја спроведува постапката, го чува и складира одземениот имот, врши процена, го дава во закуп конфискуваниот имот, води евиденција на целокупниот одземен имот, го продава одземениот имот и изработува статистички, финансиски и други извештаи за одземениот имот. Судот или друг државен орган кој донел конечна правосилна одлука или одлука за привремено одземање на имот, имотна корист или предмети веднаш ја известува Агенцијата и на истата и ги предава одземените предмети, конфискуваниот имот и имотната корист.

Агенцијата веднаш врши проценка на нивната пазарна вредност од страна на овластен проценител при што може да користи услуги и од други овластени проценители и истата се доставува до надлежниот орган, надлежниот суд, Јавното Обвинителство, Државното правобранителство и лицето од кое е одземен имотот. Во зависност од тоа за каков имот, предмет или приходи се работи, се постапува соодветно и според постоечките правила.

„На пример, одземените предмети од посебна, научна или уметничка вредност, Агенцијата ги предава на чување во соодветна институција надлежна за чување на овој вид предмети. Привремено одземените скапоцени камења, благородни метали Агенцијата ги предава на чување на Народна Банка на Република Северна Македонија. Доколку е одземен недвижен имот со правосилна одлука, Агенцијата ја известува Владата на Република Северна Македонија која може да донесе одлука за отстапување на недвижниот имот на друг државен орган без надоместок, во согласност со закон. Агенцијата го продава недвижниот имот и предметите одземени со правосилна одлука веднаш по правосилноста на одлуката, а добиените средства се уплатуваат во Буџетот на Република Северна Македонија. Одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори се предаваат на чување во Агенцијата или доколку во Агенцијата не постојат услови за чување – тие се чуваат кај надлежен државен орган што ги исполнува пропишаните услови за нивно чување. Заради потребите за едукација и оспособување судот може да донесе одлука примерок од одземените наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори да биде отстапен на соодветна институција која врши научни истражувања. Оружјето, муницијата и експлозивниот материјал поради немање услови за чување Агенцијата ги предава на чување во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана. Продажбата на одземените предмети, имот и имотна корист согласно овој Правилник се спроведува по пат на јавно наддавање и се продаваат на купувачот кој што понудил највисока цена. Купувачот е должен веднаш по заклучувањето на јавното наддавање понудената цена да ја уплати на сметка на Буџет на Република Северна Македонија. Одземениот друг имот кој не може да се продаде поради здравствени, ветеринарни, фитосанитарни, безбедносни и други причини, се уништува“, се посочува во истражувањето на Парламентарниот институт.