/ Прочитано:

2.801

Се подготвува нова регулатива за агенциите кои посредуваат за работа во странство

Министерството за труд и социјална политика работи на подготовка на предлог на закон со кој ќе се регулира работењето и на агенциите за привремени вработувања и на тие кои посредуваат за работа во странство. Од таму посочуваат дека во тек се консултации со претставници на постојните агенции, во насока на изработка на квалитетно решение со кое ќе се регулира оваа област. Според Норик Селими, претседателот на Националната федерација на агенциите за привремени вработувања, на решенијата се работи веќе 3 години.

Се бараат фризерки во Катар, градежни работници во Германија, берачи на портокали во Грција. Интернет страниците се полни со огласи за вработување преку кои главно се бара неквалификувана или полуквалификувана работна сила. Агенциите што посредуваат за работа во странство нудат различни износи на плати и тие се движат од 1.000 до 2.000 евра.

Ниту една од  институциите не контролира што сè се нуди во огласите. Државата нема податоци каде одат овие работници, какви работни задачи исполнуваат или пак дали се таму осигурени. Работата на овие агенции не е регулирана со закон поради што многу често она што се нуди во огласите не соодветствува на реалноста. Платата е пониска од ветената, престојот е супстандарден, а неретко и работната позиција е сосема поинаква од претходно договорената.

Очекувањата се дека работите ќе се сменат и ќе тргнат во позитивна насока во моментот кога ќе почне да се применува новата регулатива за приватни агенции. Министерството за труд и социјална политика работи на подготовка на предлог на закон со кој ќе се регулира работењето и на агенциите за привремени вработувања и на тие кои посредуваат за работа во странство. Од таму посочуваат дека во тек се консултации со претставници на постојните агенции, во насока на изработка на квалитетно решение со кое ќе се регулира оваа  област.

Според Норик Селими, претседателот на Националната федерација на агенциите за привремени вработувања, на решенијата се работи веќе 3 години, а министерката за труд и социјална политика Мила Царовска веднаш по преземањето на функцијата се заложила овој процес да продолжи.

„Оттогаш работните групи одржаа еден состанок, утврдени се насоки и се чекаат консултации од страна на другите тела, меѓу кои Унијата на работодавачи, Сојузот на синдикатите, стопанските комори. Новиот закон треба да обезбеди регулација на работата на агенциите кои посредуваат при вработување во странство, бидејќи досега немаше никакви правила на игра. Доволно беше само да добијат лиценца за работа, што секако не е доволно“, вели Селими.

Според „ЕСИ-кадровски услуги“, агенција за посредување при вработување во земјата и во странство, новиот закон ќе биде во интерес не само на граѓаните туку и на агенциите кои се вистински квалитетни играчи на пазарот. За првпат ќе бидат утврдени условите и начинот на основање агенции. На овој начин, како што појаснуваат во ЕСИ, ќе биде оневозможена нелојалната конкуренција. Во агенцијата ЕСИ посочуваат дека решенијата се во насока на тоа дека во иднина секоја агенција ќе треба да обезбеди банкарска гаранција за да добие лиценца за работа. Таа ќе биде активирана во случај на надомест на штета, доколку работникот не ги добие претходно ветените услови.

„Се предвидува и кандидатот да мора да го добие на увид договорот за вработување и тоа написмено. Во него ќе бидат содржани сите услови (висина на плата, работна позиција, денови за одмор, фотографија од местото на престој)“, велат во агенцијата ЕСИ.

За разлика од порано, една од опциите е со овој закон во едно да бидат споени агенциите за посредување при вработување во странство и агенциите за привремени вработувања. Според Раде Ненадиќ, директор на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, ваквото решение нема основа.

„Станува збор за различен делокруг на работа, поради што овие агенции немаат допирни точки. Тоа е исто како да ги споите телевизиите со порталите“, вели Ненадиќ.

Како позитивен го истакнува фактот дека, сепак, конечно ќе биде законски регулирана работата на агенциите за посредување при вработување во странство. Според него, работите тука досега биле хаотични, а во прилог на ова тврдење го посочува минатогодишното истражување од страна на Министерството за труд и социјална политика, кое покажало дека сите агенции за посредување при вработување во странство им наплаќаат трошоци на кандидатите.

„Ова е во спротивност со Законот за работни односи и Меѓународната конвенција за приватни агенции за вработување што Македонија ја има ратификувано. И покрај ваквата практика, ретко која од агенциите беше санкционирана“, вели Ненадиќ.

Новата регулатива предвидува Инспекторатот за труд при Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување да бидат надлежни за работата на приватните агенции. Тие ќе ги проверуваат банкарската гаранција и бројот на вработени. Доколку има помалку вработени од пропишаното, се дава рок за надминување на состојбата. Во случај на негово непочитување, се одзема банкарската гаранција.

Засега нема рок до кога треба да биде изготвен предлог-текстот, но од Министерството за труд и социјална политика потврдуваат дека се преземаат сите активности кои треба да понудат решение за досегашните проблеми и надминување на постојната ситуација.

А. Б.