/ Прочитано:

1.247

Се подготвува Закон за финансиска стабилност

„Основна цел на Предлогот на закон е да се следи праксата на Европската комисија и да се институционализира тело кое ќе ги идентификува опасностите и ризиците за финансиската стабилност и синхронизирано ќе презема макропрудентни мерки заради одржување на финансиската стабилност во Република Северна Македонија. Водечка улога во креирањето и спроведувањето на макропрудентната политика и одржувањето на финансиската стабилност ќе има Народната банка на Република Северна Македонија“, велат од Министерството за финансии.

„Во 2009 година Министерството за финансии и Народната банка потпишаа Меморандум за соработка за одржување на финансиска стабилност и управување со финансиска криза. Во 2020 година, по препорака на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во рамки на Програмата за проценка на финансискиот сектор (ФСАП) постојниот беше заменет со нов Меморандум чии потписници се сите тела надлежни за супервизија и надзор на одделните сегменти од финансискиот систем. Со Меморандумот е формиран Комитет за финансиска стабилност како преодно решение до донесување на посебен закон. Во таа насока е и Регулативата за макропрудентен надзор на финансискиот систем и за воспоставување на Одбор за системски ризик на Европската комисија. Една од препораките на Одборот за системски ризици е макропрудентната политика да ја води една институција или тело од повеќе институции, во зависност од институционалната поставеност на национално ниво, при што централната банка треба да ја има водечката улога“, посочуваат од Министерството.

М.В