Се подготвува Закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција

Министерството за култура подготвува Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција.

„Имплементацијата на Законот за поддршка на домашната музичка продукција во практика не ги даде очекуваните ефекти, пред сè, од причина што, иако за избраните композиции се продуцираа аудио и видео записи, тие или не беа воопшто или беа емитувани во мал обем на радијата и телевизиите. Од наведените причини, објективно и не може да се направи евалуација на позитивните ефекти од поддршката на создавање нови композиции. Со оглед на тоа што аудио и видео записите за композициите не беа во доволен обем достапни на пошироката јавност, се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање нови композиции од областа на забавната и народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија“, посочуваат од Министерството за култура.

Со Законот за поддршка на домашната музичка продукција се уредува постапката за поддршка на домашната музичка продукција преку создавање на нови вокално-инструментални композиции, категориите на композициите, надлежноста на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија – Скопје за финансирање на композициите, постапката на одлучување за изборот на композициите и други прашања кои се однесуваат на домашната музичка продукција.

М.В