Се подготвува Закон за развој, производство и промет на воени стоки

Министерството за економија подготвува Закон за развој, производство и промет на воени стоки. Во насока на уредување на директивите и заедничката позиција на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, велат  од Министерството, има потреба од изменување на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема кој се рефлектира и на називот на Законот кој ќе гласи Закон за развој, производство и промет на воени стоки.

Со овој закон се уредуваат услови што во досегашниот закон не беа регулирани а се усогласуваат со критериумите утврдени во директивите и заедничката позиција на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, и тоа: утврдување на дефиниции и термини кои се употребуваат за функционалност на Законот, обврски на министерствата и на другите органи на државната управа, услови за вршењето на развој, издавање сертификати на трговски друштва, обврски на трговските друштва и трговци поединци, заштитата и безбедноста на развојот, производството и прометот и соработка со индустрискиот сектор.

„Целта на Предлог-законот е да се разјасни, да се поедностави и да се подобри регулаторната рамка во оваа област и да се справи со новите случувања и предизвици. Предлогот ќе содржи измени на клучните концепти за контрола на извозот со цел да се одразат новите реалности, ќе ги зајакнува брокерските и транзитните контроли и ќе ги проширува контролите на ризик од злоупотреба за терористички дела и повреди на човековите права“, посочуваат од Министерството за економија.

М.В