Се подготвува Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам
Министерството за финансии подготвува Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Предложените законски решенија во Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам треба да ги имплементираат одредбите од ЕУ-директивите за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам, како и новите стандарди определени со Препораките на ФАТФ. Решенијата, исто така, велат од Министерството, имаат цел да придонесат за ефикасно управување со ризиците од перење пари и финансирање на тероризам.
Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам ги регулира мерките и дејствијата кои субјектите се задолжени да ги преземаат за целите на спречување на перење пари и финансирање на тероризам. ЕУ направи измени во регулативата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и усвои Директива 2015/849 за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам на 20.5.2015 година. Иницијативата за донесување на Предлог-закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам е предвидена во Националната програма за усвојување на европското законодавство.
М.В