/ Прочитано:

1.994

Се подготвуваат измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права.

Од Министерството за култура посочуваат дека измените се потребни поради, како што велат, целокупната затечена незавидна состојба во областа на авторското право и сродните права.

„Во Министерството за култура во тек е изработка на текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во насока на усогласување со новата Директива 2014/26/EC за колективно управување со авторското право и сродните права и мултитериторијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет“, вели  министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Министерството за култура, образложи министерот Алаѓозовски на јавната расправа, во септември ќе го даде текстот на Предлог-законот за измена на Законот за авторското право и сродните права на јавна расправа, а воедно ќе се ангажира и стручна комисија од експерти од оваа област, за да дадат мислење по текстот на измените.

„Веднаш по донесувањето на измените на Законот за авторското право и сродните права, по вградување на новата Директива за колективно управување, Министерството за култура во согласност со ЕУ-директивите и меѓународната практика за оваа област, ќе пристапи кон итно разгледување и решавање на барањата од организациите за колективно управување и другите субјекти, на кои поранешното раководство на Министерството за култура, и покрај својата законска обврска, не одговорило и тоа подолг период, бидејќи има барања и постапки незавршени уште од минатата година“, истакна Алаѓозовски.

Предлог-законот во септември ќе биде испратен и на мислење/експертиза до експерти од ЕУ, надлежни за оваа област. Поддршка за измена на Законот за авторското право и сродните права, како и детални насоки на текстот на Законот, дале и неколку еминентни европски експерти во својот извештај во рамки на твининг-проектот на ЕУ „Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост“, кои се појдовна основа за подготовка на усогласувањето на законот со ЕУ Директивата за колективно управување со авторското право и сродните права, што е предвидено и во програмата на Владата за донесување во декември годинава.

„За жал, претходните измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права воопшто не кореспондираа со европската регулатива и практиката на земјите членки. Напротив, спротивно на современите светски текови и европски практики, се воведоа одредби кои, според својата природа, се неприменливи, па наместо напредок, предизвикаа хаос и неможност за воспоставување на функционален и ефикасен систем на колективното остварување на авторското право и сродните права, како и недозволиво мешање на државата во оваа област“, посочи Алаѓозовски, според кого дел од одредбите на сегашниот Закон за авторското право и сродните права отстапуваат од современите рамки на заштитата на АПСП и создаваат несигурен правен систем.

Зоран Васковски, директор на стручната служба на Здружението за заштита на авторските и музичките права (ЗАМП), на јавната расправа нагласи дека се надеваат оти авторот ќе си го заземе своето место во тоа што му припаѓа во согласност со законот за заштита на неговите морални права, за заштита на неговите материјални права.

Бодан Арсовски од Македонската музичка индустрија (ММИ) изрази уверување дека законот кој ќе се предложи ќе биде квалитетно направен особено што ќе биде мониториран од европските институции.