/ Прочитано:

2.822

Се подготвуваат измени на Законот за извршување

Министерството за правда подготвува измени на Законот за извршување. Како што посочуваат од Министерството, во актуелното законско решение постои нејасен, неефикасен и комплициран начин на полагање испит за извршители и спроведување конкурс за извршители и сложен и скап систем на спроведување постапка за вонсудска наплата на долгови.

Од извршените надзори врз работата на извршителите и Комората на извршители, велат од Министерството за правда, се увиде потребата од ревидирање на начинот на вршење надзор. Решенијата со кои се уредува задолжителното учество на адвокати при спроведување на извршување за побарувања поголеми од 10.000 евра, исто така, како што најавува Министерството, ќе бидат предмет на законски измени.

Целта на предлог-законот, истакнуваат од Министерството за правда, е  коригирање на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите, редефинирање на постапката за вонсудска наплата на долгови, редефинирање на постапката за спроведување на испит за извршители и спроведување конкурс за именување на извршители, поекономична и поедноставна постапка за иницирање на извршување и ревидирање на начинот за вршење на надзор над работата на извршителите и Комората на извршители.

Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите на овој закон, исто така, се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

М.В