Се подготвуваат измени на Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, чија цел е транспарентност на завршните сметки
Министерството за финансии известува дека се подготвуваат нови измени на Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници.
Со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници се уредува водењето на сметководството, деловните книги, сметководствените документи и обработката на податоците, признавањето на приходите и расходите, проценувањето на билансните позиции, ревалоризацијата, финансиските извештаи, доставувањето на финансиските извештаи и други прашања во врска со сметководството на Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа, буџетите и фондовите, корисниците и единките корисници на средства од буџетите, како и на другите правни лица за кои средствата за вршење на основната дејност претежно се обезбедуваат од буџетите.
Во смисла на овој закон, буџетски корисници се корисници од прва линија од областа на законодавната, извршната и судската власт, фондовите, корисниците на буџетите на општините и корисниците основани со закон, на кои им е доверено вршење на јавни овластувања. Единки корисници се корисници од втора линија, кои се финансираат преку соодветниот буџетски корисник.
Во согласност со овој закон, буџетите и буџетските корисници се должни завршните сметки да ги достават до регистарот на годишни сметки при Централниот регистар на Република Македонија до крајот на месец февруари наредната година.
Буџетите и буџетските корисници имаат обврска завршните сметки освен до Централниот регистар да ги достават и до Државниот завод за ревизија. Буџетите и буџетските корисници немаат законска обврска да објавуваат податоци за состојбата на средствата, обврските, изворите на средствата, како и за остварените приходи и реализираните расходи од работењето во претходната година. Ова се податоци кои се содржани во завршните сметки на буџетите и буџетските корисници, кои овие институции немаат обврска да ги објавуваат.
„Заради обезбедување поголема транспарентност во работењето на буџетите и буџетските корисници, односно за информирање на јавноста за состојбата на средствата, обврските, изворите на средствата, за остварените приходи и реализираните расходи на овие институции, се предлага буџетите и буџетските корисници завршните сметки да ги објавуваат на својата веб-страница во рок од 15 дена од нивното доставување до регистарот на годишните сметки при Централниот регистар на Република Македонија“, посочуваат од Министерството за финансии.
М.В