Се подготвуваат нови измени на Законот за судовите
Министерството за правда подготвува измени на Законот за судовите. Основната цел на Законот, посочуваат од Министерството, е зајакнување на независноста и интегритетот на судиите и нивната специјализација по области, како и утврдување на јасни критериуми за одговорност во вршењето на судиската функција и внесување на квалитативни критериуми при изготвувањето на оценката за работа.
Во Законот за судовите се пропишува дека функциите на судската власт опфаќаат непристрасно применување на правото, независно од положбата и својството на странките, заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по која било основа и обезбедување правна сигурност врз основа на владеењето на правото.
„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите се врши негово усогласување со препораките дадени во мислењето на Венецијанската комисија, кое главно се однесува на основите за разрешување на судија, основите за утврдување на одговорност на судија и изрекување на дисциплинска мерка, редефинирање на условите за избор на судија, зајакнување на надзорната функција на Министерството за правда во поглед на примената на одредбите од Судскиот деловник“, образложуваат од Министерството за правда.
М.В