/ Прочитано:

1.711

Се подготвуваат нови измени на Законот за Судскиот совет

Министерството за правда подготвува нови измени на Законот за Судскиот совет. Oсновна цел на законските измени, посочуваат од Министерството, е негово усогласување со препораките дадени од Венецијанската комисија во делот на зајакнување на квалитативниот критериум при оценувањето на судиите.

Со Законот за Судскиот совет се уредуваат постапката за избор на Судскиот совет на Република Македонија, начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот и разрешувањето на судија и судија поротник, дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинската одговорност на судиите, постапката за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, следењето и оценувањето на работата на судиите, начинот на работа и одлучување и други прашања поврзани со работата на Судскиот совет на Република Македонија.

Во Стратегијата за реформите на правосудниот сектор се нагласува дека одлуките на Судскиот совет за избор на судии, како и за нивно унапредување, оценување и разрешување, одлуките за дисциплинска одговорност на судиите и јавните обвинители треба да се детално и аргументирано образложени и јавно објавени.

Кон средината на овој месец, Владата на Република Македонија во Собранието на РМ поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, по скратена постапка. Основна цел на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, образложија од Владата, е да се зголеми транспарентноста во работата на Советот и да се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија, а во согласност со меѓународните препораки и Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017-2020 година и воедно да се усогласи со Предлог-законот за престанување на важење на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

М.В