Се подготвуваат законски измени за зголемување на бројот на емисии на обврзници за денационализација
Министерството за финансии известува дека се подготвуваат измени на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација.
Со Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација се уредуваат начинот и постапката на издавање обврзници за денационализација, кои се даваат како надомест за имотот одземен во корист на државата врз основа на прописите со кои се вршени општо одземање и ограничување на сопственоста, врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и одземање без правна основа.
Донесувањето на Законот за изменување на Законот за издавање на обврзници за денационализација, велат од Министерството за финансии, е со цел зголемување на бројот на емисии на обврзници за денационализација од петнаесет на осумнаесет, за да може да се опфатат барањата за денационализација по кои се одлучува во повторна постапка, а за кои е потребно дополнително издавање обврзници.
„Процесот на денационализација заврши во првостепена постапка, но дел од решенијата не се конечни, односно по нив сè уште се водат управни спорови или, пак, се вратени од судовите на повторно постапување. За да се овозможи исплата за овие предмети по нивната правосилност, постои потреба од зголемување на бројот на емисиите на обврзници за денационализација. Се предлага дополнително издавање на уште три емисии на обврзници за денационализација, со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период“, образложуваат од Министерството за финансии.
М.В