/ Прочитано:

743

Се предлага законска обврска новоизградените објекти да се приклучуваат на системот на топлинска енергија

Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали, при Стопанската комора на Македонија, денеска одржа состанок со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.

Дополнувањето на одобрението за градба со поле во кое задолжително ќе биде наведено на што точно ќе се грее секој нов објект што ќе се гради беше клучната тема на состанокот, на кој соговорниците се осврнаа и на сеопфатно решение за предизвикот со затоплување преку мапирањето на градот.

„Неопходно е точно да се знае секој нов објект на што ќе се грее за да се обезбеди предвидливост, сигурност и стабилност во испораката на енергенси. Сите засегнати страни треба да имаат чиста состојба – граѓаните коишто купуваат нов недвижен имот: куќа, стан или деловен објект, но и самите оператори на дистрибутивната мрежа да знаат точно каде да ги зајакнат инвестициите во мрежата за да ги сведат на минимум можните дефекти и да нема испади од системот. Приоритет ни е домаќинствата да добијат еколошки, економичен, ефикасен енергенс (природен гас), а мотивот е на ефикасен и на економичен начин да ги искористиме ресурсите со кои располагаме како држава, за да се реши греењето на граѓаните. На овој начин ќе имаме однапред мапирани реони каде и на кој енергенс ќе се загреваат домовите и објектите. Во местата каде што има организиран систем на греење, новите градби ќе се приклучат кон овој систем, а доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем за да го реши проблемот со греење, не е спорно да го реализира тоа решение, што го дозволува и Законот за енергетска ефикасност согласно европските директиви“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во март годинава поведе иницијатива за измена на Законот за градба во делот на одобрението за градба, и за таа цел испрати известување до Министерството за транспорт и врски заедно со предлог-текст како да се извршат корекции во Предлог-законот за градење.

Во изминатиот период РКЕ донесе одлука со која за 37 % се намалува надоместокот за приклучување на системот за дистрибуција на топлинска енергија со цел да се поттикне што поголем број на новоизградени објекти да се приклучуваат кон системот за дистрибуција на топлинска енергија.

„Здружението има цел континуирано да дејствува во насока на унапредување на деловниот амбиент и условите за работа на градежните компании, но и на општествена одговорност и да работи на подобрување на состојбите и на подигнување на квалитетот на градбите. Оттаму, како Здружение сме подготвени да бидеме активни чинители и да придонесеме за креирање на законски решенија кои ќе помогнат за оптимизирање на потрошувачката на енергија и остварување поголема енергетска ефикасност, како и поголем квалитет за крајните потрошувачи“, истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението.

Градежниот сектор е еден од економските сектори каде што потенцијалот за енергетски заштеди е најголем, а од страна на Здружението беше посочено дека градежните компании се подготвени да придонесат за решавање на проблемите поврзани со затоплувањето на објектите и за изнаоѓање на оптимално решение, што ќе биде од интерес и за инвеститорите и за граѓаните.

„Регулаторната комисија предлага во прописите од областа на градењето да биде уредена обврската новоизградените објекти да се приклучуваат на организираниот систем за топлинска енергија доколку е тоа предвидено со мапирањето. Со цел да се поттикне што поголем број на новоизградени објекти да се приклучат на системот за дистрибуција на топлинска енергија, во изминатиот период РКЕ донесе одлука со која го намали надоместокот за приклучување за 37 %“,  посочи Марко Бислимовски.

Присутните заклучија во следниот период Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги заеднички да дејствуваат при креирање на предлог-решенијата и условите поврзани со затоплувањето на објектите, кои ќе бидат презентирани и пред Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

М.В