/ Прочитано:

1.104

Се предлагаат измени на регулативата што ги уредува планирањето, развојот и контролата на просторот за градење

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам денеска организираше иницијален состанок на групата за реформа на законите кои ги уредуваат планирањето, развојот и контролата на просторот за градење, на кој беше најавено олеснување на постапката за добивање одобрение за градење, како и за другите барања предвидени со Законот за градба преку намалување на процедурите и трошоците.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, на денешниот иницијален состанок на групата за реформа на законите кои ги уредуваат планирањето, развојот и контролата на просторот за градење, најави олеснување на постапката за добивање одобрение за градење, како и за другите барања предвидени со Законот за градба преку намалување на процедурите и трошоците.

На средбата што ја организираше Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам беше нагласено дека предложените законски измени се дел од планираните реформи во регулативата во областите градежништво, урбанизам и просторно планирање за кои денеска разговараа претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери со претставници од надлежните институции.

Во оваа насока, министерот Сугаревски посочи дека ќе има олеснување во целокупната постапка при добивање одобрение за градба што го издаваат и општините и Министерството за транспорт и врски. Тој, меѓу другото, нагласи дека најавените измени би се случиле многу бргу, сè со цел и граѓаните и компаниите од оваа област да ги добиваат одобренијата за градење многу побргу, односно да не ја чекаат потребната документација од шест до осум месеци.

Покрај овие измени, како што истакна Сугаревски, се планира и усогласување на Законот за градење со Законот за културно наследство од причина што во дел од одредбите на овие два закона постојат спротивставени интереси.

На состанокот беа најавени и измени и во Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се однесуваат на тоа со колкав процент при изградбата треба да биде опфатено зеленилото. Оттука, заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули потенцираше дека се преземаат чекори за просторното планирање да биде уредено со посебен закон.

„Ќе се заложиме во целиот овој процес областа да се дефинира како и во другите држави, ингеренциите да поминат во МЖСПП и да се знае како трајна вредност во кој правец ќе се развива Македонија, а не да се прави од ден за ден со многу измени во една година“, рече Макрадули.

Инаку, градежните инспектори, како што укажа директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Борјанчо Мицевски, се соочуваат со пропусти кои ги прават општините, односно тие издаваат одобрение за градба за некои објекти за кои немаат надлежност, а потоа не постапуваат врз основа на сите поплаки од граѓаните.

„Во таква ситуација, инспекторите се соочуваат со проблемот секојдневно да реагираат на неправилности на овластените градежни инспектори што секако е во колизија со законот затоа што ние како Инспекторат можеме да направиме контрола само на градбите од прва категорија, а градбите од втора категорија се во надлежност на овластените градежни инспектори. Со најавените измени сакаме да воспоставиме многу поцврста врска помеѓу Државниот градежен инспекторат и овластените градежни инспектори кои често си земаат за право да постапуваат од лични интереси и од интереси на оној што им е претпоставен, односно градоначалниците. Тие земаат плата од општините и многу малку или несериозно ги сфаќаат препораките од нашите инспектори“, рече Мицевски.

Преку Законот за градење, пак, како што истакна министерот без ресор задолжен за подобрување на бизнис регулативата, Зоран Шапуриќ, кој во изминативе осум години дури 25 пати претрпе измени, се планира да се направи конзистентен систем, како и подзаконски акти кои ќе значат подобрување на условите за инвестиции, со оглед на огромното учество на градежништвото во бруто-домашниот производ (БДП). Целта, според Шапуриќ, е да се донесат квалитетни законски решенија кои ќе бидат стабилни и кои на транспарентен начин ќе влијаат врз подобрување на бизнис климата од една страна, а од друга страна, ќе се настојува да се спречи урбаниот хаос.

А. Б.