Се предлагаат измени на законите за основното и за средното образование
„На предлог на Министерството за образование и наука беа разгледани и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за основното и на Законот за средното образование, кои ќе бидат доставени до Собранието на Република Северна Македонија. Предложените законски одредби обезбедуваат безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата, како: учениците, наставниците и друг ненаставен кадар и родители, преку подготвен кадар за следното: како да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно препораките дадени од Министерството за здравство – Комисијата за заразни болести во врска со мерките за превенција и контрола на ковид-19.
На предлог на истото министерство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на феријалната практика и практичната настава во средните стручни училишта во учебната 2020/2021 година и ги разгледа и усвои дополнителните исклучоци во наставата од далечина за феријалната практика и учење преку работа кај работодавач и практична настава во стручното образование да се одвива со физичко присуство на учениците. Исто така, беа усвоени и Протоколите за постапување на средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука во Република Северна Македонија за спроведување на практичната настава со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците; за превентивните мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во секторот машинство, секторот земјоделие, рибарство и ветерина, секторот хемија и технологија и секторот лични услуги со задолжување Министерството за образование и наука да ги извести средните стручни училишта за реализацијата на феријалната практика и практичната настава.
Министерството за труд и социјална политика ја предложи, а Владата ја разгледа и усвои Информацијата за повторно отворање на установите за згрижување и воспитание на деца – детски градинки / центри за ран детски развој за време на пандемија ковид-19, со препорака на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установите за згрижување и воспитание деца да обезбедат дополнителен простор или да адаптираат соодветен простор за потребите на градинките доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот. Исто така, на сите единици на локална самоуправа кои се основачи на јавните установите за згрижување и воспитание на деца се препорачува да обезбедат потребен соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата ковид-19 доколку градинката има потреба за непречено функционирање“, соопштуваат од Владата.
М.В