/ Прочитано:

449

Се преземаат сите дејствија за да се истражи страшната сообраќајна несреќа, велат бугарските власти

Тешка сообраќајна несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистралата Струма, Република Бугарија. Тамошните медиуми објавуваат дека во несреќата загинати се 45 македонски државјани. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул.

„Се случи страшна трагедија ноќеска во Бугарија. Во автобуска несреќа загинаа македонски државјани, меѓу кои повеќе деца и млади, а има и неколку повредени. Со министерот за здравство Филипче и со министерот за надворешни работи Османи сме во Софија, за да ги посетиме повредените, да дознаеме повеќе за несреќата и причините за истата. Упатувам мое искрено сочувство до семејствата на починатите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Штом добиеме повеќе информации и штом осигураме како можеме да бидеме од помош на преживеаните, ќе следат соодветни институционални активности и дополнителни информации за јавноста“, соопшти претседателот на Владата, Зоран Заев.

Бугарската држава реагираше во најбрз можен рок и ги презеде сите неопходни дејствија за да се истражи оваа страшна сообраќајна несреќа, во која загинаа 45 лица. Истовремено се води неопходна грижа за преживеаните, изјави привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев во објава на официјалната фејсбук страница на бугарската Влада.

Како што пренесува БТА, Јанев изразува сочувство до роднините на загинатите во несреќата на автопатот Струма, што се случи вечерва.

„Ова е огромна и неопислива трагедија која не потресе. Во моментов, активностите се во рацете на истражните органи. Кога ќе се направи потребното, ќе може да се коментира за причината што довела до толку многу жртви. Нека си ја завршат работата истражните органи“, изјави Јанев.

Јанев, исто така, изразил уверување дека се мобилизирани сите државни органи, а МВР презело мерки за организирање на сообраќајот на автопатот Струма.

„Подоцна, ние мора внимателно да ги извлечеме вистинските лекции од овој трагичен инцидент за да спречиме такви трагедии во иднина. Во моментов единствена јасна информација е дека автобусот со жртвите и повредените е регистриран во Република Северна Македонија. Во врска со ова, во раните утрински часови разговаравме со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев. Како Влада ќе ги преземеме сите неопходни активности за справување со трагедијата“, изјави Јанев.

„Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија.

Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја. Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“, изјави претседателот Пендаровски.
„Тим на Министерството за внатрешни работи предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби.
Нашите мисли и молитви се и со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови“, соопшт министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.