/ Прочитано:

3.328

Се пролонгира можноста фирмите што имаат блокирани сметки да плаќаат со компензација, асигнација, цесија и преземање долг

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за платниот промет. Правните субјекти со блокирана сметка до крајот на 2018 година ќе можат меѓусебните парични побарувања и обврски да ги намируваат преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг.

Според актуелното законско решение, на 1 јануари 2018 година престанува можноста правните субјекти што имаат блокирани трансакциски сметки да вршат плаќање со компензација, асигнација, цесија и преземање долг. Во членот 25, став 1, се предвидува дека учесникот во платниот промет не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана трансакциска сметка и оваа одредба треба да започне да се применува од 31 декември 2017 година.

„Целта на законското решение е одложување на примена на одредбата од членот 25 став 1 од Законот за уште една година, со што правните субјекти со блокирана сметка до крајот на 2018 година ќе можат меѓусебните парични побарувања и обврски да ги намируваат преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг“, образложуваат од Министерството за финансии.

Со Законот за платниот промет се уредува платниот промет во земјата, односите меѓу носителите нa платниот промет и учесниците во платниот промет, односите меѓу носителите на платниот промет и Народна банка на Република Македонија во делот за платниот промет, платните системи, порамнувањето на плаќањата, издавањето електронски пари и надзорот на платните системи.

М.В