Се разгледуваат можности за олеснување на процедурите за пререгистрацијата во системот на УЈП
Единствена цел на пререгистрацијата на граѓаните во системот на Управата за јавни приходи (УЈП) е да се подобрат услугите што им ги дава оваа институција на граѓаните, истакнаа денеска министерот за финансии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев.
„Таа е неопходна поради тоа што станува збор за комплетно нов систем кој ќе овозможи УЈП да им ги испраќа пријавите на граѓаните, а тие да потврдат дали податоците се точни, а не како досега граѓаните да одат да пријавуваат во Управата. Јавноста треба да знае дека ова што го подготвуваме е, пред сè, за да се подобрат услугите што ги нуди УЈП за граѓаните и дека тоа е модел што го има во сите западни земји“, рече Тевдовски.
Премиерот додаде дека се работи за сосема нов систем, финансиран од ЕУ, кој треба да овозможи еднаквост и комплетна транспарентност и дека е пожелно да се направи нова регистрација затоа што, како што рече, ако нешто што се користи се дополнува, тоа ќе биде како залепено, и целиот систем не би бил поставен на здрави основи.
„Целта на самиот систем е да биде поставен на здрави основи. Граѓаните да се регистрираат, а УЈП да ги известува за даночните пријави, наместо како досега секој да има обврска да пријавува дали добил некој приход од страна или не“, рече Заев.
На денешниот настан беше посочено дека се разгледуваат можности како да се олесни постапката за електронско пријавување на данок. Премиерот не ја исклучува можноста да се разгледа дали би можело да се искористат податоците барем на лицата кои примаат само плата или само пензии.
Министерот, пак, рече дека се разгледува и можност тимови да ги посетуваат пензионерите во домовите за да можат да им помогнат во пререгистрирањето.