/ Прочитано:

1.084

Се трудиме да не бидеме здодевни адвокати, туку да понудиме нешто со емоција и душа — Борис Шавориќ, управувачки партнер во „Шавориќ и партнери“

Борис Шавориќ е едно од најистакнатите имиња на хрватското право, особено кога станува збор за корпоративно и деловно право. Управувачкиот партнер во адвокатското друштво „Шавориќ и партнери“ стручната јавност имаше прилика да го запознае во улога на предавач на првата регионална Конференција за управување со правните ризици, која во организација на АКАДЕМИК се одржа во Скопје. За себе, вели дека жестоко работи, но со емоции и душа, а на своите колеги им порачува  да не се насочуваат само во правото, туку да ги прошират своите интереси и во другите области. Во интервјуто за Академик.мк, вели дека во својата работа применува врвни стандарди, а на своите клиенти им нуди одлични и креативни совети. Видно задоволен од текот на конференцијата, но и од скопскиот шмек, со сигурност потврди дека ќе биде дел и од понатамошни слични конференции. 

Какви се Вашите впечатоци за Конференцијата на АКАДЕМИК? Дали ги постигна вашите очекувања?

Конференцијата ми остави одличен впечаток, пред се организацијата беше на многу професионално ниво. Предавачите беа угледни правници, со воодушевување ги слушав нивните излагања. Колку навистина беше одлично сведочи и публиката која ја наполни огромната сала и двата дена. Тоа се моите професионални впечатоци, а од друга страна направив одличен контакт и пријателски односи со другите предавачи и оганизаторот. Можам да кажам дека пријатно се чувствувам во Скопје, со сигурност ќе дојдам и на следните вакви слични конференции.

Вие сте управувачки партнер во едно од најголемите адвокатски друштва во Загреб. Многу често говорите дека вашиот тим на адвокати е поинаков, што е она што Ве разликува од Вашите конкуренти на пазарот?

Секоја фирма, па така и нашата адвокатска фирма има своја визија и свои цели, а и еден дух кој не карактеризира. Понекогаш тоа е само наш личен став – на партнерите основачи, понекогаш тоа се нашите хобиа, а првенствено тоа е професионалноста и односот спрема она што го работиме, секако и огромната љубов спрема правото и големата страст за сопствениот бизнис. Сакаме да применуваме врвни стандарди, а на своите клиенти им даваме одлични и креативни совети. Исто така сакаме да имаме добра атмосфера во канцеларија, сакаме младите колеги кои работат со нас да се чувствуваат одлично. Професиналниот однос не исполнува сите. Она што можеби не издвојува од другите, е што нашите интереси не се насочени само кон правото, а така според мене би требало да функционира секој адвокат. Негуваме љубов спрема архитектурата, уметноста, музиката, сакаме жестоко да работиме, но со душа. Можам да кажам дека мојот тим заедно се весели, тагува, заедно одиме на концерти, спортски натпревари… Имаме пријатели кои се познати рок музичари во Хрватска. Преку вакви универзални вредности се трудиме да не сме некои здодевни адвокати, туку да понудиме нешто со емоција и душа.

Во Хрватска во тек се неколку приватизации: монетизација на автопатиштата, Кроација Осигурување, Хрватска поштенска банка. Дали Вашето друштво e ангажирано во некои од овие процеси?

Ние сме ангажирани во сите процеси. Не можам повеќе да ви зборувам на оваа тема бидејќи го почитувам нашиот код за етика што не ни дозволува да зборуваме за случаи во кои лично сме ангажирани, ниту да изнесуваме детали. Во некои од процесите работиме за инвеститорите, во некои за банките. Приватизациите се многу актуелни во овој момент кај нас, овој квартал од 2013 ќе бидеме многу зафатени.


Разговараше: Паула Божиновски Објавено: 05.11.2013