Се воведува нова државна награда која ќе го носи името на Блаже Конески
Министерството за култура подготвува измени на Законот за државните награди. Во Македонија, во согласност со Законот за државните награди, се доделуваат девет државни награди, со кои се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на стопанството, науката, уметноста, воспитанието и образованието, културата, техничката култура, спортот, здравствената, социјалната и хуманитарната дејност, заштитата на човековата околина, заштита на човековите права, публицистиката и новинарството.
„Владата на Република Северна Македонија достави Иницијативата до Советот за македонски јазик, со која се предлага да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања во областа на македонскиот јазик во земјата и во странство, која се предлага да го носи името на Блаже Конески. Исто така, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците достави Иницијатива со која се предлага да се востанови и уште една нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања во областа на албанскиот јазик и за албанологијата во земјата, која се предлага да го носи името на Ремзи Несими“, образложуваат од Министерството за култура.
Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонскиот литературен јазик. Конески е прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), универзитетски професор, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и преведувач.
Од 1997 година Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје како највисока образовна, научна и јавна установа од областа на филолошките науки го носи името на Блаже Конески.
М.В