/ Прочитано:

2.996

Се воведува услугата образовен асистент – секое дете има право на образование

„За Владата и за МОН обезбедувањето на целосно инклузивно образование е врвен приоритет. Наша цел е секое дете да има пристап до сите нивоа на образование на еднаква основа со другите ученици, преку создавање на услови и можности овие ученици да го реализираат својот потенцијал и понатаму да се вклучат на пазарот на трудот и во општеството. За првпат системски  се воведува услугата образовна асистенција, која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование. Донесени се сите подзаконски акти кои се однесуваат на услугата, со што образовна асистенција ќе се испорачува во согласност со Законот за основно образование. Услугата ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, на онлајн средбата во организација на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО Пркос, во соработка со Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби – Соѕвездие. Настанот е организиран по повод Денот за подигнување на свеста за церебралната парализа – 25 март.

Министерката Царовска нагласи дека веќе се спроведуваат подготовките за обезбедување на услугата образовен асистент од следната учебна 2021/2022 година.

„Сите родители на учениците од второ до деветто одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. За учениците кои за првпат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на месец јуни. По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на месец јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање на образовни асистенти“, појасни Царовска.

Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во месец април ќе почне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.

Во согласност со новиот Закон за основно образование, посебните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и се образуваат ученици со попреченост стануваат ресурсни центри, а министерката Царовска посочи дека со тоа ќе се овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар, кој ќе им дава поддршка на инклудираните ученици, како и на инклузивните тимови во редовните училишта.

„Обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој  треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН“, рече министерката Царовска.

Во насока на унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 12 образовни институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни училишта и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – ЕУ за инклузија, за кој е подготвена  техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.

Во рамки на ИПА-проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, и тоа за прво и второ одделение.

Oваа година се зголеми и бројот на стипендии преку МОН предвидени за учениците со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта, односно доделени се 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година“, се наведува во соопштението на МОН.

М.В