/ Прочитано:

1.622

Се забранува внесување на куче во орган на државна управа, цркви и џамии!

Понеделник, 17 февруари 2014 – Забрането е внесување кучиња, мачки и други животни во јавни установи, како органи на државна управа, општини, болници, амбуланти, и други здравствени организации, училишта, погони за производство на прехранбени производи и во верски објекти, се наведува во новата Одлука за комунален ред на Град Скопје.

Покрај императивната забрана за институционално – религиозен влез на посочената категорија милeници, во Одлуката се вели дека  домашен миленик може да трча и шета слободно или да се шета без поводник, но само во определено време.

Шетање на миленикот од 22 до 8 часот наутро, односно од 22 до 9 часот во зима

Според одлуката, куче може да се пушти од поводник и да се движи слободно,  во парк и на друга јавна зелена површина, во временски период од 22 навечер до 8 часот наутро, во период на летно сметање на времето, односно од 22 до 9 часот зиме.

Милениците да не се шетаат до училиштата и детските игралишта

Одлуката забранува да се пушти куче од поводник и да се движи слободно на јавна сообраќајна површина, во непосредна близина на училишта, во парк или друга јавна површина каде што има уредено детско игралиште, во дел под цветен засад, како и во парк.

За кучињата во станови и дворови се воведува „принцип на разумен компромис и гласачко мнозинство“

Кога некое лице сака да чува куче во колективни објекти како на пример во стан или на тераса, правилата ќе ги определат сопствениците на становите по взаемени разговори и конечно решение за чувањето на миленикот.

Оние граѓани што чуваат или хранат маалски кучиња во заедничкиот двор, за тоа ќе мора да имаат писмена согласност од мнозинството сопственици и корисници на дворот.

За кучиња кои се чуваат во куќи и во приватни дворови, ќе важи правилото дека  куќата на животното мора да е оддалечена најмалку 3 метри од најблискиот станбен или деловен објект на соседната парцела, како и од регулационата линија на јавната површина.