/ Прочитано:

1.145

Се зајакнува финансиската инспекција во јавниот сектор

Размената на искуства во делот на внатрешната контрола и внатрешната ревизија во јавниот сектор е целта на Меѓународната конференција што се одржува денеска во Скопје во организација на ПЕМПАЛ – ИАКОП (PEMPAL – IACOP). На настанот учествуваа претставници од министерствата за финансии од Јужна Америка, Африка, Западна Европа и од државите од поранешниот Советски Сојуз. Пред учесниците на конференцијата се обрати министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Министерството за финансии работи на воспоставување функционална финансиска инспекција во јавниот сектор. Притоа, Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на меѓународниот настан за размена на искуства во делот на јавната внатрешна финансиска контрола.

На настанот организиран од страна на ПЕМПАЛ – ИАКОП учествуваа преку 70 претставници од единиците за хармонизација на јавната внатрешна финансиска контрола од 20 земји од светот.

„Владата на Република Северна Македонија го усвои документот Политика за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој претставува стратегија за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во државава. Ние сме првата земја во регионот која има изработено ваква стратегија. Во неа ја дефинираме рамката на современиот, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна ревизија, централна координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор. Исто така, во стратегијата предвидовме решенија кои ќе превенираат одредени проблеми кои постоеја во минатото“, потенцираше министерот.

Тој посочи дека се наследени проблеми со заостанати скриени обврски кај институциите и фондовите. Затоа, вели министерот, во стратегијата се предвидуваат механизми кои ќе го спречат тоа во иднина.

Стратегијата воедно придонесува и во зајакнување на превенирањето на измама и корупција во спроведувањето на јавните набавки.

Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, вели тој.

ПЕМПАЛ – ИАКОП претставува мрежа во која учесниците преку размена на искуства и практики го унапредуваат работењето во внатрешната ревизија и внатрешната контрола.

М.В