Се затвора Хашкиот трибунал
Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија, познат како Хашки трибунал, денеска ќе одржи свечена церемонија по повод неговото затворање кое треба да се случи за десетина дена.
Од Хашкиот трибунал нагласуваат дека, како суд, дале „пионерски придонес“ во меѓународното кривично право и дека оставаат, како што велат од Трибуналот, богато правосудно наследство во кривината материја и судската практика што ќе има значење и за другите меѓународни кривични судови.
„Хашкиот трибунал започна како храбар експеримент кој и покрај големите предизвици доживеа неочекуван успех. Трибуналот ќе продолжи да служи како потсетник за она што е можно во борбата против неказнивоста“, наведуваат од Хашкиот трибунал.
Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија беше основан на 25 мај 1993 година од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации со цел да ги гони сторителите на воени злосторства на територијата на поранешна Југославија.
За време на 24-годишната работа Трибуналот процесираше 161 предмет, од кои повеќе од половината се однесуваа на дела сторени од воениот и политичкиот врв на Србија и Република Српска. Во Хашкиот трибунал во врска со воениот конфликт во Македонија од 2001 година се водеа предметите против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски. Бошковски во мај 2010 година беше ослободен од вина, а Тарчуловски беше осуден на 12 години затвор.
M.В