Се зголемува бројот на претставки што ги поднесуваат граѓаните до Инспекцискиот совет
Годишниот извештај на Инспекцискиот совет е на разгледување во Собранието. Се зголемува бројот на претставки што ги поднесуваат граѓаните до Инспекцискиот совет, се нотира во извештајот.
Во текот на 2020 година, Советот разгледал вкупно 367 дописи со содржина на претставки, поплаки, жалби и друго, од кои 46 претставки се однесуваат на работата на инспекторите, и тоа:
– 14 претставки против инспектори од Државниот инспекторат за труд; – 11 претставки против инспектори од Државниот просветен инспекторат;
– 8 претставки против инспектори од Државниот управен инспекторат;
– 7 претставки против инспектори од Државниот пазарен инспекторат; – по една претставка против инспектори од: Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како и во инспекциските служби во Агенцијата за храна и ветеринарство, Управата за заштита на културното наследство и Министерството за труд и социјална политика.
260 претставки, се вели понатаму во извештајот, се однесуваат на барање за инспекциски надзор, врз основа на кои Инспекцискиот совет издал 20 налози за вршење на поединечен или заеднички инспекциски надзор, додека останатите се препратени до надлежна инспекциска служба, и тоа 198 барања за вршење инспекциски надзор се препратени во надлежност на инспекциските служби.
Најголем број од овие барања, дури 58, се препратени до Државниот инспекторат за труд, 38 до Државниот пазарен инспекторат, додека вкупно 24 барања се доставени до Државниот просветен инспекторат.
42 барања за вршење на инспекциски надзор се препратени во надлежност на општинските инспекциски служби.
Од преостанатите 61 претставка, седум, исто така, се препратени до друг надлежен државен орган, за четири претставки се побарани дополнителни информации, додека за 50 претставки е констатирано дека се неосновани или некомплетни.
„Компаративно, вкупниот број на пристигнати претставки во 2020 година (367) во однос на 2019 година (237) бележи значителен пораст од дури 55%, што може да се толкува како зголемување на довербата која граѓаните ја имаат во Инспекцискиот совет, особено ако се има предвид дека најголемо зголемување има кај претставките чие решавање спаѓа во доменот на надлежностите на локалната самоуправа и општинските инспектори.
Од друга страна, кај претставките кои се однесуваат на работата на инспекторите постои благо намалување, што може да укажува на подигнување на квалитетот на работење на инспекторите“, се вели во извештајот.
M.В