/ Прочитано:

11.252

Се зголемува бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца

Иако спроведувањето на задолжителната имунизација во Република Македонија со години и децении наназад бележи висок опфат од околу 95 отсто за поголемиот број вакцини, во последниве неколку години, бројот на родители што одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца сѐ повеќе се зголемува. Конкретно, ревакцинација под 95% е регистрирана за следниве вакцини: Ди-Ти-Пер I, Ди-Ти-Пер II и Ди-Ти IV, кои соодветно имаат опфат од 93,2%, 93,5% и 93,8%. Покрај тоа, во нагорна линија се движи и бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата со вакцината МРП, која се дава за заштита на децата од морбили, рубеола и заушки, бидејќи, како што велат, ја поврзуваат со сѐ поголем број случаи на деца со аутизам.

Дилемата со која се соочија голем број родители на почетокот од оваа година околу ревакцинацијата на нивните деца со вакцината Ди-Ти-Пер (дифтерија, тетанус, пертусис) е надмината. Во календарот за имунизација на населението е направена измена, така што децата што оваа година имаат или ќе наполнат 4, односно 5 години нема да бидат ревакцинирани со Ди-Ти-Пер. Тие ќе ја примат вакцината во 2019 година, кога ќе наполнат 6, односно 7 години.

Измените во календарот за имунизација се направени во согласност со препораките од Светската здравствена организација, така што прашањето околу тоа дали се укинува вакцината или не е веќе разрешено, велат во Министерството за здравство.

Лекарите нагласуваат дека 30-ина држави во Европа оваа вакцина којашто е комбинирана со инактивна полио ја даваат на деца на 6-годишна возраст, па во согласност со светските стандарди и препораките од СЗО, и Македонија треба да отпочне со имплементација на инактивната полио вакцина.

„Ди-Ти-Пер е ацелурална, односно вакцина што дава помалку несакани реакции. Оваа вакцина во европските земји се комбинира со инактивна полио вакцина и затоа децата добиваат ревакцинација на 6, односно на 7 години. Интенцијата е Македонија да биде во чекор со светските стандарди, поради што одлучивме Ди-Ти-Пер, наместо на 4 години, децата да ја примаат на 6 години како комбинирана Ди-Ти-Пер ацелурална со инактивна полио вакцина“, појаснуваат во Министерството за здравство.

Вакцината за заштита од дифтерија, тетанус и пертусус (голема кашлица) најпрво се прима во период кога бебето има меѓу 4 до 6 месеци. Првата ревакцинација е на 18 месеци, а пред да се направат измените во календарот за имунизација, ревакцините се примаа на 4, на 7 и на 14 години.

Иако спроведувањето на задолжителната имунизација во Република Македонија со години и децении наназад бележи висок опфат од околу 95 отсто за поголемиот број вакцини, во последниве неколку години, бројот на родители што одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца сѐ повеќе се зголемува. Конкретно, ревакцинација под 95% е регистрирана за следниве вакцини: Ди-Ти-Пер I, Ди-Ти-Пер II и Ди-Ти IV, кои соодветно имаат опфат од 93,2%, 93,5% и 93,8%. Покрај тоа, во нагорна линија се движи и бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата со вакцината МРП, која се дава за заштита на децата од морбили, рубеола и заушки, бидејќи, како што велат, ја поврзуваат со сѐ поголем број случаи на деца со аутизам.

„Голем дел од болестите се целосно искоренети, односно нема ниту еден случај заразен со дифтерија или пак со морбили наназад 40-ина години, така што јас лично сметам дека не треба да го вакцинирам моето дете ниту со Ди-Ти-Пер, ниту пак со МРП.“

„Матеј има 4 и пол години и нема примено ниту една вакцина досега. Имаше сериозни компликации при раѓањето, поради што вакцинацијата беше одложена во согласност со препораките и укажувањата од страна на педијатрите. Но, и кога дојде до одредена возраст, на околу 9 месеци, кога, всушност, требаше да почне да ги прима вакцините, јас како мајка одлучив дека нема да го вакцинирам мојот син. Сега има веќе 5 години, постојано има разновидна и здрава исхрана и мора да кажам дека освен кашлање, течење нос, некоја блага температура и тоа многу ретко, други посериозни проблеми не сме имале. Имунитетот на Матеј го засилуваме со многу витамини и со богата и здрава храна. Сметам дека вакцините се сосема непотребни, особено што сѐ повеќе, и кај нас и во светот, се смета дека тие се причина за сериозни и неизлечливи болести.“

„Мојата ќерка, која има 14 години, ги има примено сите вакцини освен ХПВ. Оваа вакцина, која се дава само на девојчиња за заштита од хуман папилома вирусот, иако е ставена во календарот за имунизација како задолжителна, јас како родител одлучив моето девојче да не ја прими. Дејството на вакцината е десетина години, така што навистина не гледам логика зошто мора да ја прими. За заштита од сексуално преносливи болести, сметам дека не е потребна вакцина, туку отворен и сериозен разговор со своите деца за да знаат како да се заштитат.“

Ова се само дел од изјавите на родители што се противат на задолжителната имунизација, која е услов за упис на децата во предучилишните установи. Соочена со ваков проблем, една од мајките го запишала своето дете во приватна градинка.

„Пред да почне да оди во градинка, ми беше побарано  да донесам картон за имунизација. Бидејќи моето дете не  е вакцинирано, а јас така одлучив, не ми беше дозволено ќерката да ја запишам во една од државните детски градинки. Сега оди во приватна градинка, а за понатаму, односно за упис во училиште ќе разгледам повеќе можности. Јас сум фармацевт и нема да го вакцинирам своето дете.“

Наспроти нив, лекарите сметаат дека антиимунизациското лоби во светот зазема сѐ поголем замав, поради што треба да се преземат сериозни мерки на глобално ниво за да се намали овој тренд, а сѐ со цел, како што велат, да не се случи повторно да се појават некои болести, од кои во минатото имало огромен број смртни случаи.

Инаку, според член 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој се однесува на имунопрофилакса и хемиопрофилакса, вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатит и хуман папилома вирус (ХПВ). Во согласност со овој закон, односно во согласност со член 67 од Законот за заштита на населението од заразни болести, доколку родител односно старател одбие да го вакцинира своето дете, ќе му се изрече глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност.

А. Б.