/ Прочитано:

1.789

Седиштето на Правниот факултет при УКЛО да биде во Битола, се предлага во новите законски измени

Седиштето на Правниот факултет при УКЛО да биде во Битола наместо во Кичево се предлага во предложените измени на Законот за основање на Технолошко-технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Измените кои се предложени од група пратеници се на дневен ред на денешната собраниска седница по скратена постапка.

„Предложените измени на овој закон се во насока на подобрување на работата и статусот на Правниот факултет, неговата одржливост и развоен потенцијал, како во финансиска и кадровска смисла, така и во смисла на подобрување на квалитетот на услугите кои ги нуди факултетот на студентите.  Промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола позитивно ќе се рефлектира врз студентското организирање на Факултетот (кое во моментов е целосно дисфункционално), можностите за зголемување на нивните активности за време на студиите, но и по дипломирањето, како и јакнење на капацитетите на Факултетот за иницирање и унапредување на регионалната и меѓународна соработка, и оптимално искористување на придобивките од меѓународните програми: Еразмус+; ЦЕЕПУС, ТЕМПУС и др.

Од аспект на институционалните можности, кои Факултетот треба да им ги стави на располагање на своите студенти, многу е важно да се нагласи дека во Битола постои Основен суд и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, Канцеларија на Народниот правобранител, 7 регистрирани извршители, 13 нотари, 2 медијатори и 146 регистрирани адвокати, како и голем број на други јавни институции, приватни компании, регионални комори и заедници, и невладини организации, што несомнено отвора големи можности за воспоставување и интензивирање на различни форми на соработка со Факултетот, а со тоа и отворање на можности за стипендирање и поддршка на студентите во текот на студиите, можности за реализација на практична настава, волонтирање и стажирање, но и поголеми можности за нивно вработување по завршувањето на студиите“, се вели во образложението.

Законските измени за седиштето на Правниот факултет при УКЛО беа предложени и минатата година.

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Седиштето на Правниот факултет при УКЛО да биде во Битола

М.В