/Прочитано:

1.093

Седница на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам

По повод усвојувањето на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (2018 – 2022), заедно со пропратните акциски планови на 57-та седница на Владата на Република Македонија, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам ја одржа третата седница, на којашто присуствуваа националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, замениците национални координатори, членовите и замениците членови на Националниот комитет, домашни експерти во овие две проблематики, како и претставник на канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија.

Седницата имаше неколку цели и точки на дискусија. Прво, таа почна со презентација на стратешките документи од страна на националниот координатор и замениците национални координатори, со фокус на нивните уникатни карактеристики и заеднички компоненти. Второ, се дискутираше за улогата на министерствата и институциите кои се вклучени во работата на Националниот комитет во спроведувањето на активностите и мерките предвидени во акциските планови. Исто така, се дебатираше и за финансиските импликации кои произлегуваат од активностите и потребата на секоја институција да алоцира средства за имплементација на мерки. Во тој контекст беа разгледани и приоритетите што треба да се постават за реализација во тековната 2018 година, но и последователните важни активности за 2019 – 2022 година.

Заради успешно реализирање на обврските, се дискутираше и за начините на имплементација и мониторинг на активностите. Планирано е формирање на државни работни групи кои ќе работат на поедини проблематики, како на пример спречување на финансирање на тероризам или зајакната контрола на границите на стратешко ниво итн. Потоа, предвидено е и формирање на оперативни тимови (integrated task forces) на државно и на локално ниво кои ќе се занимаваат со повеќе аспекти во борбата со тероризмот и спречувањето на насилен екстремизам. На локално ниво планирано е и да се формираат групи во локалните заедници кои ќе дејствуваат на превенирање на насилниот екстремизам и ќе бидат компонирани од повеќе општествени чинители.

Како една од поважните точки на дискусија беше и идното работење на Националниот комитет. Како следни чекори треба да се усвои Деловник за работа на Националниот комитет, како и Протокол за комуникација – внатрешна и надворешна. Предвидени се и меморандуми за соработка со повеќе институции со цел зајакната координација и сеопфатен институционален пристап кон превенирање на радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот.

На крајот беше договорено членовите и замениците членови на Националниот комитет во министерствата и во институциите да одржат состаноци на кои ќе ги презентираат стратешките документи. Обврска за нив ќе биде да направат план според кој најефикасно ќе ги имплементираат активностите што произлегуваат од акциските планови.

М.В