Седницата за ДУП на Центар, одложена за следниот месец
Четврток, 20 јуни 2013 – По жестоката расправа на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу Деловникот на Советот на општина Центар, односно дали градоначалникот Андреј Жерновски, мора да биде присутен на седницата кога се расправа за негови предлози, седницата на Советот беше прекината и одложена на 10 јули. За разлика од пред десетина дена кога се протестираше, денеска мирно во дворот на Општината.
На дневниот ред на седницата беа точките 13, 14, 15 и 16 кои што се однесуваат на ставањето вон сила на измените и дополнувањата на ДУП кои беа изгласани во претходниот мандат, но седницата беше прекината по двочасовна дискусија поради неприсуството на градоначалникот Андреј Жерновски. Неговото отсуство беше спорно за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ истакна дека градоначалникот има службени обврски поради кои е оправдано отсутен, но и покрај тоа, додаде, Советот може да функционира, затоа што единствен услов за негово работење е да биде присутно мнозинство од најмалку 12 членови, впрочем колку што брои советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“. И покрај тоа советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа упорни дека присуството на Жерновски е задолжително.
„Во име на целата советничка група инсистираме на присуство на градоначалникот. Имаме предлог наменет за него поврзан со расправата за останатите точки, неопходно е неговото мислење, затоа бараме да сторите напор за да присуствува градоначалникот – рече советникот Томислав Лазаров од ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ инститираа на тоа дека според Деловникот е обврзувачко присуството на градоначалникот, по што претседателот на Советот ја прекина седницата.
„Очигледно денеска не сакате да работиме, а и на еден ваш колега не му е добро, па затоа ја откажувам седницата“, пресече Шиповиќ.
Седницата се одложува веќе неколку недели, откако група демонстранти протестираа во општината и кршеа прозорци со цел да се повлече наводниот предлог за сопирање на изградбата на црквата „Св. Константнин и Елена“ на улица Македонија, која се наоѓа во актуелниот ДУП. Жерновски, пак, уверуваше дека овој објект не е засегнат со повлекувањето на ДУП-овите и дека демонстрантите се изманипулирани.