/ Прочитано:

3.711

„Секој човек има право на почитување на приватниот и семеен живот“ – европското законодавство за заштитата на податоците

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Народниот правобранител на Република Македонија и Адвокатската комора на Република Македонија, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), денеска го претставија преводот на македонски јазик на публикацијата „Прирачник за европското законодавство за заштита на податоците".

akademik foto

Прирачникот дава увид во важечкото законодавството на Европската Унија и на Советот на Европа во врска со заштитата на податоците, а неговата цел е преку него да се постигне свеста и да се подобри информираноста за прописите за заштитата на податоците во земјите членки на Европската Унија и на Советот на Европа.

Прирачникот е наменет за правниците, адвокатите, судиите и за други правни практичари кои низ своето работење се среќаваат со проблематиката на заштитата на личните податоци и во него се наоѓаат клучни информации и анализи за правото на ЕУ и правото на Советот на Европа. Исто така, во Прирачникот се дава увид и во големиот корпус на судската практика на Европскиот суд за човекови права и на Судот на правдата на ЕУ.

akad 1

„Прирачникот претставува практичен водич за судии, обвинители и адвокати за ефективна примена на стандардите од оваа област, особено за стандардите на ЕСЧП кои се однесуваат на пропорционалното и законско мешање во правото на приватност, а оправдано со другите легитимни цели на демократското општество“, оцени директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, нагласувајќи дека е од големо значење што во Прирачникот за секоја одделна област се дадени прикази на пресуди на ЕСЧП и на Судот на правдата на Европската Унија со кратки резимеа.

akad 1

Таа посочи дека се работи за значајна публикација која е актуелна во ова време на развој на комуникациските и информациските технологии кои создаваат голема опасност од повреда на човековите права, особено во поглед на заштитата, обработката на личните податоци, електронското следење и снимање на комуникациите, преписката.

„Во таа смисла, публикацијата претставува презентација на одредби од областите за заштита на податоците во врска со слободата на изразување, чувањето на чувствителните досиеја, како што се: криминалните досиеја, ДНК-податоците, здравствените податоци, информациите собрани од следење на комуникациите“, истакна Арнаудовска.

Petar Vasilev 1 SM

Според адвокатот и член на Дисциплинскиот суд на АКРМ, Петар Василев, кој од името на Адвокатската комора се обрати на настанот, важноста на Прирачникот и неговата содржина се огледа во тоа што истиот е конципиран на начин што дава можност за приближување на значењето и суштината на правата во врска со заштитата на податоците до правните практичари, институциите и органите кои се задолжени за спроведување на законите,  но и до граѓанството.

­

Во врска со содржината и значењето на Прирачникот, на промоцијата свое излагање имаа д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права и Холгер Хембах, адвокат од СР Германија.

???

„Габриел Гарсија Маркес вели дека сите човечки суштества имаат три животи: јавен, приватен и таен…Токму приватниот дел од животот го дефинира човекот, неговата личност, потребата од слобода и затоа заслужува посебна заштита. Од тие причини и творците на Конвенцијата во членот 8 утврдиле дека секој човек има право на почитување на приватниот и семеен живот, на домот и преписката. Издвојувајќи ги овие четири сфери, акцентот на овој член е заштитата на лицата од арбитрарно влијание на јавните власти во приватниот и семејниот живот. Оваа одредба ѝ наметнува на државата обврска да се воздржува од преземање какви било активности во однос на приватноста и семејниот живот, но истовремено и обврска да ги преземе сите потребни мерки и активности да ги заштити лицата од вмешување во овие фундаментални права од трети страни“, рече судијата Мирјана Лазарова-Трајковска, која се осврна и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во врска со правото на приватност и заштитата на личните податоци.

Во таа насока, Лазарова-Трајковска посочи на три предуслови врз основа на кои почива праксата на Стразбур, а тие се: кое било ограничување на правото на почитување на семејниот и приватниот живот мора да биде пропишано со закон, мора да постојат легитимни цели за оправданоста од вмешувањето во ова право и тие цели мора да бидат неопходни.

???

Во однос на Република Македонија, Лазарова-Трајковска рече дека досега ЕСЧП има донесено 132 пресуди, од кои три се поврзани со членот 8, кој го штити правото на приватност, семејството, домот и преписката. Една од тие пресуди е стриктно поврзана со правото на приватност, а тоа е пресудата на „Поповски против РМ“.

„Против Република Македонија досега има поведено 5 800 жалби, од нив има 132 пресуди, околу 600 одлуки за пријателско спогодување, односно унилатерални спогодби. ­Околу 132 предмети моментално се наоѓаат во постапка, од нив околу осум се поврзани со правото на приватност, со слободата на изразување и со членовите 2 и 3 од Конвенцијата“, рече судијката.

Германскиот адвокат Холгер Хембах истакна дека Европскиот суд за човекови права во однос на нарушувањето на приватноста при прислушување првенствено гледа дали при прислушувањето имало интервенција која служела во некоја легитимна цел, потоа, дали надзорот бил оправдан или не, дали надзорот имал законска основа и дали имало упад во приватноста и нарушување на личниот интегритет.

„Најбитниот услов е дека имало законска основа, но и при исполнувањето на овој услов мора да се исполнат и други определени барања кои, исто така, се  клучни и суштински за Европскиот суд за човековите права. Кои се тие услови? Тие услови се однесуваат на тоа самиот закон да бил јавно достапен, да бил јасен и да бил предвидлив во однос на тоа во кои услови може да се изврши прислушување“, нагласи германскиот адвокат.

akad 1

Хембах го елаборираше и прашањето за аспектите на индивидуалниот и стратешкиот телефонски надзор, потенцирајќи дека постои разлика помеѓу двата вида на телефонски надзор, а кои се поврзани со прислушувањето од страна на државата и јавните власти. Тој појасни дека индивидуалниот телефонски надзор значи дека се врши надзор на еден телефонски апарат кој го користи некое лице и тоа најчесто е поврзано со спроведувањето на кривични постапки, додека, пак, стратешки надзор постои тогаш кога се врши надзор на голем број корисници на телефон.

„Постоењето на стратешкиот надзор е поврзано со тајните служби. Но и во двата случаи, значи, и при постоење на индивидуален и при стратешки надзор, државите треба да се грижат да биде обезбедено почитување на правата на лицата кои се прислушувани, а во насока на почитувањето на нивното право на приватност, како и во насока на заштитата на нивниот личен и приватен интегритет“, истакна Хембах.

„Дисциплината и објективноста се клучни за еден адвокат“ – Холгер Хембах, германски адвокат

M.В / veljanoskim@akademik.mk