/ Прочитано:

5.923

Секој вработен кој користел отсуство поради боледување или породилен одмор има право да го искористи неискористениот годишен одмор

Во практиката често се наметнуваат дилеми околу боледувањето, породилното отсуство и годишниот одмор.

Според трудовото законодавство, работникот кој користел боледување, или пак работничка која била на породилно отсуство имаат право да го искористат во целост годишниот одмор, доколку не го искористиле за време на боледувањето или за време на породилното отсуство.

Клучен е членот 141, ставот 4 од Законот за работните односи

Професорот по трудово право Лазар Јовевски нагласува дека ова право недвосмислено им следува на споменатите вработени.

„Имено, во согласност со членот 141 ставот 4 од Законот за работните односи, секој вработен кој користел отсуство заради боледување или породилен одмор (отсуство) има право да го искористи неискористениот годишен одмор најдоцна до 30 јуни следната година. Ова право не може да се ограничи со ниту еден акт или одлука“, истакнува Јовевски.

Доколку свесно се нарушуваат правата од работен однос во врска со годишниот одмор, може да се изречат санкции

„Потребно е да се извести Трудовиот инспекторат за прекршување на членот 141 ставот 4 од ЗРО, при што Инспекторатот треба да му укаже на работодавачот за постапување во согласност со законот, а доколку и покрај тоа работодавачот не му овозможи остварување ова право на вработениот, треба да изготви решение со кое ќе се казни со глоба работодавачот и ќе се поведе прекршочна постапка. Работникот, исто така, може да поведе и судска постапка, да ги извести Народниот правобранител и Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, доколку смета дека во постапувањето на работодавачот има дискриминаторска основа“, појаснува професорот.

Годишниот одмор е регулиран  во Уставот и во меѓународните конвенции

Правото на годишен одмор е регулирано во согласност со членот 32 ставот 4 од Уставот на Македонија, како и со Конвенцијата 132 на Меѓународната организација на трудот и комунитарното право на ЕУ.

Вработениот не може да се откаже од правото на годишен одмор

Од трудовоправен аспект, но и од аспект на психофизичкиот интегритет на работникот, Јовевски истакнува дека  правото на годишен одмор е толку важно што во ниту еден случај вработениот не може да се откаже од правото на годишен одмор, ниту пак работодавачот може да не го овозможи користењето на ова право.

„Причината е токму поради психофизичката обнова на здравјето на вработениот, како и поради здравствените и социјалните последици кои може да ги предизвикаат стресот, уморот и професионалното согорување на вработениот“, резимира Јовевски.

М.В