/ Прочитано:

2.598

Сексуалното насилство и сексуалното вознемирување на работното место најмалку се пријавуваат

Денеска, во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство беше презентирана „Студијата на опсег за различни форми на сексуално насилство во Република Македонија“.

„Студијата е изработена со цел добивање сознанија за тоа колку се препознаваат сексуалното насилство и сексуалното вознемирување во нашата земја, како и за тоа колку и како се реагира при случаи на сексуално насилство и вознемирување. Исто така, студијата има за цел да направи  преглед на законската регулатива со цел да се има увид што е точно регулирано и на кој начин“, истакна Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Како што образложи Димушевска, за изработка на студијата биле добиени информации од институциите, биле спроведени онлајн прашалници, индивидуални интервјуа и фокус-групи со релевантни претставници од институциите и граѓанските организации.

„Сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се видови родово базирано насилство кои најмалку се препознаваат кај нас, а со кои жените и девојките секојдневно се соочуваат. Сексуалното насилство е едно од најсекојдневните форми на насилство во Македонија, но во исто време и едно од најмалку пријавуваните, се вели во „Студијата на опсег за различни форми на сексуално насилство во Република Македонија“.

Љупка Трајановска, од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, говорејќи за податоците од Студијата посочи дека за истражувањето бил користен онлајн прашалник за ставовите и искуствата на граѓаните во областа на сексуалното насилство, што бил одговорен од вкупно 5 136 испитаници од кои 745 мажи и 4 391 жени.

„Резултатите од прашалникот покажаа дека најпрепознаена форма на сексуално насилство е половиот напад, а силувањето во интимна партнерска врска е препознаено како форма на сексуално насилство. И сексуалното вознемирување на работното место е најмалку пријавувано, иако жените и девојките често се соочуваат со таа форма родово насилство“, нагласи Трајановска.

„Сексуалното вознемирување е најмалку препознаено од пошироката јавност, пристапот на полициските службеници обесхрабрува и ги одвраќа жртвите од пријавување, а во МТСП не постојат протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство. Исто така, здравствените работници не се доволно едуцирани и информирани за постојните протоколи за постапување со овие жртви“, се вели во студијата на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

М.В