Селани од Таринци нападнале штипски излетници, потоа со нож и шипки удриле по полицајците
Четврток, 2 мај 2013 – Штипјанецот О.В. (38) вчера бил нападнат од жители на село Таринци додека бил на излет со сопругата и двете малолетни лица во близина на локалитетот „Баргала“. Инцидентот се случил околу 17 и 30 часот, а ситуацијата кулминирала кога на лице место дошла полицијата. Напаѓите откако го претепале штипјанецот, со метална цевка, нож и секира ги нападнале полицајците кои дошле да интервенираат по тепачката.
Од МВР информираат дека штипјанецот без повод и причина физички бил нападнат, откако трите лица дошле до него и со удари прво го нападнале, па го оштетиле неговото патничко возило.
По преземените мерки од страна на полициски службеници, при обид да биде приведен Д.С.(22) од село Таринци, тој со нож замавнал кон полицајците, а на самото место пристигнале С.С.(44) од село Таринци и Х.С.(18) од село Зрновци, кои со метална цевка и секира почнале да им се закануваат на полицајците за да го ослободат Д.С.
Истите се приведени во СВР Штип , а во врска со случајот приведени се и М.А.(21), А.С.(22), Д.А.(22), Е.В.(21), Т.К.(20) сите од с.Таринци и З.С.(21) од Штип. Во тек се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.