/ Прочитано:

1.589

Семејно насилство низ нишанот на легално оружје

При случаите на фемициди и останати убиства кои се случиле во изминатиот период како последица на семејното насилство, не само што не се презеле мерки за да бидат спречени, туку не се преземени конкретни мерки за нивно расветлување, реагираат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Три од четири убиства се случиле со легално оружје, велат од таму. Упатуваат прашања до надлежните институции и бараат одговори зошто навремено не се преземаат мерки за заштита на жртвите од семејното насилство, како што е последниот случај со грозоморното трикратно убиство во Кавадарци. Зошто на осомничениот за убиствата нему било одземено оружјето како што е рагулирано во Законот за оружјето – дополнително ќе се испитува, велат од МВР. 

Кавадаречкиот случај е фемицид – најтешка форма на насилство врз жени и директна последица на семејно насилство

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, за поцелосно запознавање на јавноста велат дека последните случаи на семејно насилство, помеѓу кои и последниот случај во Кавадарци кој заврши со трикратно убиство за кое е осомничен бившиот сопруг на жената чии татко, мајка и сестра беа убиени, претставуваат најтежок облик на насилство, кој се дефинира како Фемицид.

„Фемицид е намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироката дефиниција го објаснува поимот како убиство на жени и девојки поради род, тортура или мизогенично убивање на жена, убиство во име на честа, убиство насочено кон жени во контекст на вооружен конфликт, фетицид, генитално сакатење со смрт. Фемицидот  го извршува маж, најчесто сегашен или бивш партнер, а му претходи долгогодишна злоупотреба во домот, закани и заплашувања, сексуално насилство или ситуации каде жените се помалку моќни и имаат помали ресурси од својот партнер“, истакнуваат од Мрежата.

Фемицидот е најтешка форма на насилство врз жени и е директна последица на семејно насилство или интимно партнерско насилство, појаснуваат од Националната мрежа.

Не се прави проценка на ризикот: „Зошто не му го одземавте оружјето?“

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за Академик вели дека општо за проблемот на семејното насилство, фемицидот, како и за  конкретниот случај во Кавадарци, основна забелешка е што не постоела проценка на ризикот, која мора превентивно и импреративно да биде извршена во вакви ситуации.

„Нашата забелешка е дека во овие ситуации нема процена на ризикот. Доколку постои таква проценка на психолошкиот ризик, ќе се преземат мерки помеѓу кои и одземањето на оружјето и со тоа би се избегнале несаканите последици. Посочувам тука дека три од убиствата во случаите на фемицид се извршени со легално оружје. Тука веќе се поставува и основното прашање зошто надлежните институции не го одзеле оружјето на лицето кое е осомничено за трократното убиство во Кавадарци?“, истакнува Димушевска.

Алармот одамна е вклучен – Три од четири убиства годинава се извршени со легално огнено оружје

Димушевска додава дека одамна е вклучен алармот дека проблемот треба сериозно да се сфати и да се преземат соодветни мерки за да се превенираат несаканите последици, за што упатува и кон конкретната загрижувачка статистика.

Случаи на фемицид во Македонија во 2014 година:

Датум: 20 Мај 2014 – Мртва жена пронајдена во Кавадарци – Сторителот живеел во вонбрачна заедница со жртвата. Убиство извршено со секира.

Датум: 21 Мај 2014 – Мажот ја убил жената, па се самоубил – 42-годишниот скопјанец  со огнено оружје пиштол ја усмртил 38-годишната штипјанка, па потоа се самоубил. Сторителот и жртвата биле во претходна љубовна врска. Жртвата подолго време на своите најблиски им кажувала дека тој и се заканува дека ќе ја убие доколку го остави.

Датум: 22 Јули 2014 – Двојно убиство и самоубиство –Скопјанец (36), стрелајќи од својот службен пиштол, најпрво ја убил својата две години помлада пријателка со која бил во љубовна врска (34), а потоа и нејзината сестра (31). Потоа си го одзел животот.

Датум: 09 Ноември 2014 – Трократно убиство во Кавадарци – Маж (40) ги убил таткото, мајката и сестрата на сопругата со која веќе имале отпочнато бракоразводна постапка.  Сопругата и нејзиниот татко неколку пати пријавувале семејно насилство и закани по живот последниве неколку месеци во одговорните институции, но не биле превземени конкретни мерки за заштита на членовите на семејството.

Во врска со поразителната статистика од Националната мрежа велат дека ова се убиства на жени и членовите на нивните семејства, извршени од страна на интимен партнер/сопруг/бивш сопруг кои се случиле во период мај – ноември 2014 година – последниве шест месеци.

„Во три од четири случаи постоело семејно насилство или интимно партнерско насилство. Ова е алармантна бројка која укажува на нефункционирање на системот за заштита на жртвите на семејно насилство. Во однос на интимно партнерско насилство ваков систем и не постои.Сите евидентирани случаи на фемициди, како и случајот на трократно убиство во Кавадарци на граѓани покажуваат дека во државата не нуди заштита за граѓаните од семејно насилство“, велат од таму, додавајќи дека при случаите на фемициди и останати убиства кои се случиле  во изминатиот период како последица на семејното насилство, не само што не се презеле мерки за да бидат спречени туку не се преземени конкретни  мерки за нивно расветлување за да се побара директна одговорност од лицата во надлежните институции.

Во кои случаи се одзема оружјето?

Зошто на осомничениот, кој имал дозвола за поседување оружје, издадена во 2002 година не му било одземено оружјето по поднесувањето на кривичната пријава за семејно насилство, третирањето на сите пријави и поплаки за семејно насилство поднесени од страна на семејството на сопругата на осомничениот, ќе испитуваат од Министерството за внатрешни работи. Од СВР Велес потврдуваат дека целата документација поврзана со овој случај, ќе биде разгледана од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР.

Во Законот за оружјето е регулирано и кое лице може да добие дозвола за оружје, но и причините кога се одзема дозволата за оружје.

Според член 42 од Законот за оружјето, надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје во случај кога ќе утврди дека лицето ја изгубило деловната способност; ја изгубило способноста да поседува или носи оружје, согласно со мислењето на надлежната здравствена установа; со правосилна пресуда е осудено за кривично дело или прекршок; кога оружјето доброволно е предадено од сопственикот; и кога ги крши обврските утврдени со овој закон. Во однос на кривичните дела и прекршоците, членот 42 упатува кон членот 12 во кој се дефинира што се смета како опасност за јавниот ред и мир:

Член 12 од Законот за оружјето

Во Законот за оружјето, исто така се предвидува и кому може да се издаде одобрение за набавување на оружје. Според член 8 од Законот, Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот, за лов и спортско стрелаштво. Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.Покрај другите услови, физичкото лице треба здравствено е способно да поседува и носи оружје и да не претставува опасност за јавниот ред. За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје, а како што е уредено во член 22 од Законот, дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години.

Новини во однос на оружјето во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство 

Во новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство пак, кој ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2015 година, се уредува дека полицискиот службеник во случаи на семејно насилство, при преземањето на полициските работи и примената на полициските овластувања, оперативно – технички и превентивни мерки утврдени со Законот за полиција, секогаш прави проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно управување со ризикот.

Според овој пропис, полицискиот службеник привремено го одзема оружјето од сторителот и покренува постапка предвидена со закон за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје.

Член 29 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2015 година

Во Македонија има околу 170 илјади парчиња легално оружје 

Познавачите на состојбите, говорат дека во Македонија според последните проценки има околу 170 илјади парчиња легално оружје и дека по добивањето на дозволата таа се „реобновува“ по десет години, но дека не се врши континуирана евалуција на личноста освен кога е алармирано дека лицето повеќе не ги исполнува законските услови, што пак е примарно во надлежност на институциите.

невладината организација „Цивил“ посочуваат дека при донесувањето на Законот за оружје тие реагирале на рокот од десет години за продолжување на дозволата за оружје и инсистирале тој да биде три години токму од причини за зачестена евалуација на личноста, а исто така предлагале дозволата да не биде кумулативно за  носење и поседување, туку само за поседување, што би значело и забрана да се носи оружје со себе и покрај дозволата за поседување.

Како еден од клучните проблеми кои од организацијата ги забележуваат од, како што велат, „теренските искуства каде и најреално се согледуваат состојбите“, е проблемот со зачестената селективност во примената на Законот, а во однос на стекнувањето на дозволите, како и проблемот со нетранспарентноста на растечкиот број на субјекти од секторот на приватното обезбедување, за кои не се знае за какви лица, за каква структура на личности се работи и колку се подложени на евулуација на личноста.

„Чувство над законот и неказнивост“

„Посебно загрижува што многу често овие личности се сметаат за неказниви и дека се над законот“, посочуваат од таму,  додавајќи дека тие веќе подолго време апелираат за важноста на ова општествено прашање, што често резултира со несакани последици и затоа е подобро претходно опасноста од носењето на оружје да се превенира, отколку отпосле да се анализираат причините.

Според психологот Вера Цуракова, феноменот на чувство над законот и носењето на оружјето во себе крие подлабоки психолошки корени и кај тие личности преку оружјето се зголемува самодовербата преку доживувањето на чувството на моќ и заплашувањето на другите, иако крие и стравови и несигурност во себе. Таа смета дека во врска со семејното насилство најважно е да се оцени и психолошкиот ризик, посебно во случаи каде лесно може да се посегне по оружјето токму заради потиснување на несигурноста со чувството на надмоќ.

Неколку прашања до надлежните институции

Од невладиниот сектор кој се бори против насилството истакнуваат дека перманентно посочуваат кон аргументот дека битката со насилството најмногу се добива низ и од институциите, а дека последниот случај во Кавадарци како трагедија од семејно насилство до фатална употреба на огнено оружје покажува слабост на институциите и занемарувањето на психолошкиот ризик.

„Во последниот случај во Кавадарци каде што се случи трикратно убиство во семејство за кое е осомничено лице коешто е пријавено како сторител на семејно насилство, останува нејасно кои се мерките коишто ги презеле институциите за да го спречат сторителот да посегне по животите на други лица“, вели програмскиот координатор во ХЕРА, Елизабета Божиноска.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство децидно бараат од Министерството за труд и социјална политика како најповикана институција која раководи со Националното координативно тело за заштита од семејно насилство во коешто членуваат сите министерства одговорни за заштита од семејно насилство да иницира детална истрага преку која јавноста ќе добие одговори на следните прашања:

  • Дали стручниот тим од центарот за социјална работа направил проценка на ризик по животот на жртвата и останатите членови од семејството и кои мерки се превземени од страна на институциите за заштита на нивните животи врз основа проценетиот ризик?
  • Дали од страна на надлежните институции се превземени мерки за одземање на огненото оружје на осомничениот откако бил пријавен како сторител на семејно насилство?
  • Дали по пријавувањето на семејното насилство центарот за социјална работа на сторителот му понудил или го упатил на психолошко советување и третман за справување со насилно однесување?
  • Дали се преземени мерки од страна на надлежните институции со кои се регулирало движењето на сторителот и ограничило приближувањето до домот на жртвата и нејзиниот семејство?
  • Кои се институциите и кои се лицата вработени во институциите кои не постапиле стручно и професионално и не ги почитувале протоколите за заштита од семејно насилство поради што животот го загубија тројца граѓани?

Од Мрежата  бараат и спроведување на целосна истрага која ќе ги идентификува сите чекори и пропусти направени во системот на заштитата и врз основа на наодите од истата бараме да се покрене постапка за одговорност на  конкретни лица и институции.

„Дополнително  врз основа на  наодите од истрагата бараме Министерството за труд и социјална политика како креатор на политики за семејно насилство да иницира итни мерки во практика со коишто ќе се гарантира безбедноста по здравјето и животот на сите граѓани во земјата коишто се жртви на семејно насилство и со кои нема да се дозволи да се повтори ваков или сличен случај во иднина“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Од Министерството за труд и социјална политика, пак, денеска потврдија дека конкретниот случај бил пријавен.

Министерството за труд и социјална политика потврдува дека семејно насилство било пријавено во Центарот за социјални работи

„Центарот за социјални работи-Кавадарци има сознанија за овој случај и согласно законската регулатива навремено постапувал и ги превзел сите мерки. Лицето Данче Станоева во месец август пријавила во Центарот за социјални работи семејно насилство од сопругот врз неа, но странката не дала писмена согласност за поведување на судска постапка односно доставување на предлог мерки за заштита до судот. Според тоа Центарот согласно Закон, без писмена согласност на жртвата не може да покрене судска постапка за заштита од семејно насилство. Но во меѓувреме стручните служби работеле на психосоцијална подршка со жртвата, и во делот на бракоразводната постапка. Исто така со Станоева редовно го посетуваше советувалиштето на определените термини и беше применувана индивидуална работа со неа.
Во почетокот на ноември месец, лицето Данче Станоева даде писмена согласност за преземање на предлог мерки за заштита од страна на Центарот како забрана од закани, вознемирување и малтретирање. Постапувајќи по нејзината согласност, Центарот донесе заклучок да му предложи на судот изрекување на привремени мерки за заштита.
Стручен тим од Центарот за социјални работи прави увид во семејството. ЦСР Кавадарци одржуваше редовна комуникација со МВР Кавадарци, кога мајката поднесувала пријави до МВР, заради ненавремено враќање и превземање на децата, при што му е укажувано на таткото за законските последици од понатамошно непостапување по донесеното судско решение“

Од Министерството укажуваат дека дале налог да се преземат соодветни мерки за расветлување на случајот и утврдување на евентуалните пропусти.

„МТСП даде налог на Социјалната инспекција и на Заводот за социјални дејности со цел да ги провери сите детали во однос на овој случај како и постапувањето на надлежните стручни лица дали постапувале согласно Закон и според предвидените рокови за постапување според Закон, секако ако се откријат одредени недостатоци при постапувањето на службените лица ќе се превземат и соодветни мерки“, изјавија од Министерството за труд и социјална политика.

12.11.2014/ М.В/ veljanoskim@akademik.mk