Семејството на поп иконата Мајкл Џексон бара 40 милијарди долари оштета од промотерската компанија АЕГ
Понеделник, 29 април 2013 – Во Лос Анџелес денеска продолжува судењето на најголемата промотерска компанија во светот АЕГ, која семејството на Мајкл Џексон ја обвинува дека е посредно одговорна за смртта на поп иконата во 2009 година.
Тужбата против една од најголемите светски фирми за промоција на концерти АЕГ е поднесена од семејството на Џексон. Судењето почна на 2 април оваа година, а во изминатите три недели траеше изборот на 12-те членови кои ја сочинуваат поротата и нивните евентуални замени. Судењето ќе продолжи со изнесување на аргументите на тужбата и одбраната.
Џексон почина во 50-тата година, на 25 јуни 2009година, од преголемо количество од силниот анестетик пропофол, кој како средство за спиење му го пропишал неговиот лекар Конрад Мареј.
Според тврдењата на тужбата, фирмата АЕГ, која ја организирала последната турнеја на Џексон е одговорна бидејќи покажала негрижа со тоа што го вработила Мареј. Освен тоа, еден од поднесувачите на тужбата, 82-годишната мајка на Мајкл, тврди дека фирмата АЕГ извршила преголем притисок врз нејзиниот син, со што сериозно му биле нарушени физичкото и психичкото здравје.
Мајката на Џексон бара отштета од 40 милијарди долари, колку што наводно нејзиниот син ќе заработел доколку останел жив.
Тужената страна истакнала дека толку голема отштета е „бесмислица“, истакнувајќи дека кариерата на Џексон била на заоѓање, особено поради проблемите со законот. АЕГ истакнале и дека Мајкл Џексон земал големи количества пропофол и пред закажаната турнеја и пробите за концертите планирани во Лондон.
Лекарот на Џексон, Мареј, во 2011 година беше осуден на четири години затвор поради убиство од небрежност.